Енергетски неефикасен, непријател на животната средина и во целосна спротивност со европските критериуми и со современите цивилизациски текови. Македонскиот транспорт и во текот на минатата 2012 година бележи негативни резултати. Патничките автомобили учествувале со дури 77% од вкупно изминатите патнички километри во земјава. Во споредба со употребата на возот и автобусот, автомобилите и во 2012 година останале најупотребувано превозно средство во Македонија. Наместо ублажување на ваквиот дисбаланс, од година во година се намалува превозот на патници со железница, а транспортот со автобуси воглавно се зголемува. Според податоците од статистичката публикација „Одржлив развој 2013“ на Државниот завод за статистика, слични се податоците и кај копнениот товарен сообраќај. Патниот транспорт учествува со 93,2% во вкупните тон – километри во 2012 година, додека железницата бележи скромна партиципација од 6,8%.
Како последица на ваквите резултати, се намалува и енергетската ефикасност на македонскиот сообраќај. Енергетската потрошувачка во секторот транспорт бележи годишен пораст од 2,4%, при што учеството на патниот сообраќај во оваа ставка изнесува дури 98,1%. Потрошувачката на енергија кај железницата изнесувала симболични 0,8%, додека кај воздухопловниот сообраќај таа изнесувала 1,1% од вкупната енергетска конзумпција кај сите видови транспорт. Експертите од областа на екологијата и одржливиот транспорт препорачуваат реформи во македонскиот јавен сообраќај, примена на еколошкиот транспорт и намалување на бучавата како мерки што би имале позитивно влијание врз заштитата на животната средина, но и врз зачувување на здравјето на македонските граѓани.