Претходна статија
ААМ со повик за учество на утрешниот протест „Го сакам ГТЦ“
Следна статија
Новата гама на придвижувачки механизми за прозорци на ГЕЦЕ со унифициран дизајн

Македонскиот пазар на недвижности презаситен со нови станови

Објавено на 13.06.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Понудата на нови станбени површини лани рапидно се зголемила, иако македонскиот пазар на недвижности се соочи со недостиг на побарувачка од страна на граѓаните. Деловните субјекти во текот на 2012 година изградиле 1.259 станови со вкупна површина од 92.402 метри квадратни, што претставува огромен раст во споредба со реализираните 835 станови со површина од 52.019 метри квадратни во истиот период од 2011 година. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека лани само во скопскиот регион се изградени 813 станови со вкупна површина од 55.532 метри квадратни.

 

Значителното зголемување на реализираните станбени објекти треба да загрижува, особено ако се земе во предвид фактот дека во наредниот период во главниот град треба да се завршат неколку поголеми станбени комплекси и облакодерите во Аеродром, кои наеднаш на пазарот ќе предадат нова понуда на станови. Во текот на минатата година се граделе и поголеми станови, па така, статистичарите пресметале дека нивната просечна површина изнесувала 73,4 метри квадратни. Според податоците на Државниот завод за статистика, лани во Скопје најмногу станови се завршиле во општините Аеродром (499), Центар (208) и Ѓорче Петров (64). Забележително зголемување во споредба со 2011 година е констатирано и кај новозавршените станбени единици градени во индивидуална режија, чива бројка изнесувала 5.174 со површина од 493.607 метри квадратни.

 

Извршени градежни работи (%) од ДЕЛОВНИТЕ СУБЈЕКТИ - 2012г (извор: Државен завод за статистика)Извршени градежни работи (%) во ИНДИВИДУАЛНА РЕЖИЈА - 2012г (извор: Државен завод за статистика)

 

 

Деловните субјекти во 2012 година извршиле градежни работи во вредност од 18.470.289.000 денари односно 300,3 милиони евра, додека во индивидуална режија се реализирани активности во износ од 13.024.417.000 денари или 211,8 милиони евра. Индивидуални инвеститори лани граделе 4.083 објекти, додека компаниите како инвеститори се јавуваат при изградбата на 1.507 објекти. Во делот на деловните субјекти, најмногу се градело во скопскиот, пелагонискиот и источниот регион, додека самите граѓани како инвеститори најмногу објекти извеле во полошкиот, скопскиот и југозападниот регион.