Претходна статија
Новиот министер за култура најавува итна ревизија на „Скопје 2014“
Следна статија
Пад на профитот на „Бетон Штип“

Македонскиот меѓународен сообраќај – авион, автобус и возот на крај

Објавено на 02.06.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Огромни промени во навиките за патување на Македонците при нивниот престој во странство. Од некогаш најпопуларно средство за патување низ европските земји, возот денеска бележи историско ниски бројки на патници на меѓународните релации. Во исто време, силниот пробив на автобускиот превоз од пред две децении слабее за сметка на брзиот раст на воздухопловниот транспорт во земјава. Статистичките податоци покажуваат дека авионите во изминативе неколку години станале најпопуларно средство за транспорт при патувањето во странство.

 

Двата македонски аеродрома лани примиле вкупно 1.794.376 патници, со што авионот и официјално постанал најупотребувано средство за транспорт во меѓународниот сообраќај. Колку за споредба, автобусите на меѓународните линии во идентичниот период превезле 751.962 патници. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека возот како превозно средство на меѓународните релации го користеле само 3.000 патници. Ваквите разлики се далеку од вообичаените резултати за транспортниот сектор од европските земји, каде возовите и понатаму остануваат значајна врска со соседните градови.

 

* Меѓународните патнички возови се реткост во нашата земја

 

Доминантните бројки на авионскиот сообраќај во земјава се должат првенствено на пробивот на нискобуџетните авио компании на македонскиот пазар. Некогаш преферираниот автобуски превоз до европските дестинации е заменет со воздухопловен превоз, додека автобусите остануваат главно превозно средство на Македонците до соседните земји – Бугарија, Србија и Грција. Од друга страна, граѓаните го користат возот најмногу за патување до Солун и Белград, иако во изминатиов период имаше константно намалување на бројот на меѓународни возови од и кон нашата земја.

 

Погледнато од историски аспект, распадот на некогашна Југославија го сопре и развојот на меѓународниот железнички сообраќај во нашата земја. Возовите беа заменети со автобуси за патување кон странство, при што ваквата состојба траеше сè до влезот на нискобуџетните авио компании во нашата земја.