Завршена е реконструкцијата на градинката „Калинка“ во општина Аеродром, со што Македонија го доби првиот објект што заштедува енергија и до 60% на годишно ниво, во споредба со трошоците пред отпочнување на имплементацијата на мерките за енергетска ефикасност. Преку соработка на општината Аеродром со УНДП, се променија покривот и дрвените ѕидови на застарениот објект, се заменија вратите и прозорците, се постави комплетно нова електрична инсталација, како и нова фасада со термичка изолација. На градинката се поставија сончеви колектори, кои ќе обезбедуваат топла вода и ќе ги намалат досегашните издатоци.
* Градинката „Калинка“ (извор: Општина Аеродром)
Реконструкцијата е изведена во согласност со пропишаните мерки од страна на ЕУ, така што градинката е првиот целосно енергетски ефикасен објект во Република Македонија. Вкупната инвестиција изнесува околу 8 милиони денари. Спроведениот проект е дел од програмата за енергетска ефикасност на УНДП, на која конкурираа околу 15 македонски општини. Целокупните градежни активности врз објектот завршија за околу три месеци од почетокот на проект.