Министерството за транспорт и врски денеска го објави огласот за избор на консултантска компанија што ќе изработи физибилити студија за можноста за формирање, односно воспоставување на редовен национален авиопревозник во Република Македонија. Покрај изготвувањето на овој документ, најповолниот понудувач ќе треба да ги анимира реномираните странски авиокомпании во пронаоѓањето интерес тие да постанат македонски национален авиопревозник, но и да ја советува македонската влада во текот на целокупната постапка за пронаоѓање на квалитетна и издржана понуда за успешно спроведување на проектот.
За подготовка на неопходната физибилити – студија е планирано да се одвојат финансиски средства во висина од 10.169.491 денари (околу 160.000 евра), без вклучен ДДВ. Заинтересираните консултантски субјекти треба да ги достават своите понуди најдоцна до 29 декември, за кога е закажано и нивното јавно отворање. Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески пред неколку дена најави дека меѓународниот повик за пронаоѓање на национален авиопревозник ќе биде распишан во првата половина од 2015 година.
Бојан Блажевски