Интензивно се градат трите магистрални гасоводи низ Македонија. Во јануари, или најдоцна до февруари 2019 година, ќе биде пуштен во употреба гасоводот Штип – Неготино долг 36 километри. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на МЕР Бајрам Реџепи денеска извршија увид во градежните работи на локацијата каде што во моментов се гради главната мерно – регулациона станица во Неготино. На овој објект во моментов се изведуваат градежни и машински работи, со што ќе се создадат предуслови за пуштање во употреба на овој магистрален гасовод. Досега се завршени над 90% од работите на оваа траса.
*Извор на фотографии: Влада на Р.М.
Со непречено темпо се одвива и изградбата на магистралниот гасовод Неготино – Кавадарци – Прилеп – Битола, со должина од 92 километри. На овој потег се завршени над 40% од градежните работи на проектот, така што е создадена можност во првиот квартал од 2020 година да протече природен гас и кон Пелагонискиот регион. Директорот Бајрам Реџепи посочи дека продолжува изградбата и на магистралниот гасовод Скопје – Тетово – Гостивар, каде што досега се завршени околу 35% од зацртаните градежни работи.
Очекувањата на надлежните органи се до крајот на 2019 година, или во првиот квартал од 2020 година, да се пушти во употреба и магистралниот гасовод меѓу Скопје и Гостивар. Директорот на МЕР Бајрам Реџепи појасни дека веќе е изработена физибилити студијата за изведба на интерконекцискиот вод кон Република Грција, со што Македонија во иднина би имала можност да купува природен гас од повеќе извори. „Веќе е аплицирано до ВБИФ за грант за градба. При крај се преговорите со европски финансиски институции за финансирање на оваа делница“, изјави директорот Реџепи. Токму главната мерно – регулациона станица во Неготино ќе биде главниот јазол, од каде ќе поаѓаат магистралните гасоводи во правец кон Грција и Битола.
„Гасификацијата е приоритет на Владата, за кој за следната година во буџетот на Министерството за транспорт и врски се предвидени 1 милијарда и 557 милиони денари, со цел да се заврши изградбата во најбрз можен рок и сите граѓани и компании да ги почувствуваат неколкукратните придобивки од гасот“, посочува министерот Горан Сугарески.