Претходна статија
Подготвена документацијата за изградба на четири регионални депонии
Следна статија
За пет пати намалена добивката на скопски „Бетон“ во 2017 година

Магистралните гасоводи ги испокараа власта и опозицијата

Објавено на 14.11.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Изградбата на магистралната гасоводна мрежа во земјава денеска предизвика спротивставени реакции меѓу власта и опозицијата. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески во денешната изјава за медиумите посочи дека бројните експропријации на земјиште ја отежнуваат изградбата на гасоводите Скопје-Тетово-Гостивар и Неготино-Прилеп-Битола. Во предложениот буџет за 2018 година за магистралните гасоводи се предвидени 2,19 милијарди денари, односно за 310 милиони денари повеќе во однос на годинешниов буџет.

 

 

„Има сериозен проблем на кракот за поврзување од Неготино до Битола, во делот пред Прилеп, каде се регистрирани огромен број експропријации, а ист е случајот и кон Тетово. Добар дел од средства што се предвидени за гасификацијата се однесуваат за експропријација на земјиштето“ изјави министерот Горан Сугарески. Овие два гасовода се градат со подигнатиот кредит од германските Дојче Банка и Ерсте Банка.

 

Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ денеска ја обвинија владата дека ги запрела сите проекти за гасификација на земјата. „До сега поголем дел од нив требаше да бидат во финална фаза. Новата влада го стопираше и проектот за гасоводно поврзување со терминалите со нашиот јужен сосед. Прашањето е од каде ќе донесат гас и по која цена, а најважно кога тоа ќе го направат. Со новиот предлог-буџет СДС ја запира и гасификацијата на Република Македонија, во новиот буџет се предвидува само довршување на кракот Тетово-Гостивар почнат од ВМРО-ДПМНЕ и Неготино-Битола“ изјави на прес-конференција Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Во Македонија во моментов се градат три магистрални гасовода – од Штип до Неготино во должина од 36 километри, од Неготино до Битола во должина од 92 километри и од Скопје до Гостивар во должина од 76 километри. Во изминатиов период беше завршена изградбата на гасоводот од кумановско Клечовце до Штип, а во 90-те години од минатиот век е изградено поврзувањето со Бугарија и обезбедувањето на природен гас за Крива Паланка, Куманово и Скопје.