Претходна статија
Експресниот пат Штип - Радовиш ќе го гради австриски „Штрабаг“
Следна статија
Инфраструктурниот проект за автопатот Букојчани - Гостивар ќе биде готов до декември

Липково ќе добие водовод, фекална канализација ќе се гради во Лозово и Долнени

Објавено на 14.02.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Министерството за транспорт и врски ќе ја поддржи изградбата на три инфраструктурни проекти во општините Липково, Лозово и Долнени. Денеска беше објавен тендерот за изградба на пречистителна станица за вода за пиење за регионалниот водоснабдителен систем Липково, резервоар за селото Липково и довод до постоечката мрежа на ова село. Инфраструктурниот зафат е проценето дека ќе чини над 120 милиони денари, а би бил изграден во период од 18 месеци. Општина Липково со овој проект би се снабдувала со вода за пиење од акумулацијата Глажња, од каде би се обезбедиле 200 литри вода во секунда.

 

Капиталниот проект за општина Липково е ветуван со години наназад, но не е реализиран во изминатиов период. Заинтересираните компании за изградба на водоводната мрежа имаат рок до 7 март за да ги достават своите понуди за учество во тендерската постапка. Акумулацијата Глажња се наоѓа на територијата на оваа кумановска општина, но во изминатиов период единствено градот Куманово се снабдуваше со вода за пиење од овие езера.

 

Надлежното министерство го распиша и тендерот за избор на изведувач на фекалната канализација и таложница во селото Сарамзалино, општина Лозово. Овој инфраструктурен зафат е во вредност од 9,6 милиони денари и би се реализирал во временски период од шест месеци. Фирмите што планираат да учествуваат во тендерската постапка имаат рок до 6 март за да ги достават своите понуди.

 

Од Министерството за транспорт и врски денеска го објавија и договорот за изградба на првата фаза од фекална канализација во селото Ропотово, општина Долнени. Инфраструктурниот зафат би се комплетирал до почетокот на 2019 година, додека за изведувач на градежните работи на терен е избрана фирмата „Џови компани“ од струмичкото село Мокрино. За овој проект од државниот буџет се издвоени 18.461.307 денари.