И по повеќе од четири години од почетокот на владиниот проект за легализација на бесправно изградените објекти во Македонија, во реалноста само една третина од вкупниот број на дивоградби се стекнаа со имотни листови. Од вкупно 350.000 поднесени барања за легализација на дивоградбите, досега 130.000 објекти имаат добиено имотни листови од Агенцијата за катастар на недвижности. Краен рок за завршување на проектот нема, но очигледно е дека целокупната легализација на дивоградбите ќе се влече низ локалните самоуправи уште неколку години.
Погледнато на ниво на целата земја, ситуацијата е различна од општина до општина. Од вкупно 11.879 доставени барања, скопската општина Кисела Вода до денешен ден има легализирано 4.012 објекти. Во изминатиов период од 10.000 дивоградби во Штип, со документи за сопственост се имаат стекнато околу 5.000 објекти. Статистичките бројки од локалните самоуправи се разликуваат, но она што со сигурност се знае е дека досега ниту една општина не успеала целосно да ја заврши легализацијата на дивоградбите. Речиси без исклучок, општините како главен проблем за успешно завршување на постапката го наведуваат фактот дека граѓаните не доставиле геодетски елаборат за легализација на дивоградбите.
Владата во изминатиов период неколку пати го продолжуваше рокот за доставување на геодетските елаборати. Наплив пред шалтерите на локалните самоуправи се очекува претстојната есен, ако се земе во предвид фактот дека краен датум за доставување на елаборатите е 31 декември 2015 година. Од друга страна, официјалните статистички податоци се безмилосни. Целокупната постапка на ниво на Македонија се одвива споро. Ако до крајот на јануари 2014 година биле легализирани околу 90.000 бесправно изградени објекти, тогаш излегува дека во изминативе една година и седум месеци се завршени единствено 40.000 барања на граѓаните за добивање на имотни листови.
Покрај горливите проблеми со водењето на постапката кај пријавените дивоградби, останува нејасно што ќе прави земјава во иднина со оние објекти кои се регистрирани како дивоградби, по истекувањето на рокот за доставување на барања за легализација. Според податоците на Државниот завод за статистика, во текот на 2014 година биле регистрирани 1.075 бесправно изградени објекти на територијата на целата земја, од кои дури 304 се лоцирани во главниот град. Како ќе се постапува со овие објекти, во моментов никој не се осмелува да каже.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk