Претходна статија
Има интерес за градење угостителски објект на малото пристаниште во Охрид
Следна статија
Отворен објектот на „Ендава“ во Скопје

Лавина критики за изградбата на луксузна населба во Студенчишко блато

Објавено на 10.02.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Идејата за изведба на нова населба со хотели, ресторани, резиденцијални објекти и апартмани, заедно со планираната марина, во Студенчишко блато во Охрид предизвика низа на негативни реакции. Сите тие се впишани во неодамна изработениот Нацрт – извештај за стратегиска оценка на животната средина за измена и дополна на Генералниот урбанистички план на Охрид. Планираните објекти во овој дел на градот можат да имаат негативно влијание врз водите, почвата и врз животната средина во просторот. Како изготвувачи на документот, од Градежниот институт „Македонија“ предлагаат Студенчишкото блато да се користи за едукативна намена, истовремено напоменувајќи дека значајниот биодиверзитет може да придонесе и за збогатување на туристичката понуда во Охрид.

 

 

 

Со евентуалната изградба на луксузна населба се појавува опасноста за намалување на квалитетот на водите на Охридското езеро. Губењето на блатото и уништување на трската може да ја уништи природната заштита од загадување на водите на ова езеро заштитено од УНЕСКО. Истовремено, од Градежниот институт „Македонија“ во првичниот документ истакнуваат дека со изградбата на луксузниот проект ќе се намали квалитетот на почвата во Студенчишко блато, но најголемото негативно влијание ќе го почувствува постоечкиот биодиверзитет.

 

Наместо да се гради, експертите посочуваат дека Студенчишко блато треба да прерасне во национален Споменик на природата. Некои од растенијата и алгите во овој простор не можат да се сретнат на ниту едно друго место на светот. „Отсуството на соодветна грижа за овој простор во еден долг временски период и продолжувањето на тенденциите на негово запоставување и несоодветно користење сè повеќе го доведува до опасност опстанокот на пределот и автентичната состојба на блатниот екосистем, а со тоа и на некои од најбитните вредности на Охридското езеро“, се наведува во Нацрт – извештајот.

 

И додека се објавуваат лавина критики за најавената луксузна населба во Студенчишко блато, општина Охрид без голем публицитет објави дека е изработен идејниот архитектонско – урбанистички проект за просторот. Засега никој не излегува во јавноста за да го претстави изгледот на идните бетонски зданија, кои можат засекогаш да го уништат растителниот и животинскиот свет од овој интегрален дел на Охридското езеро. Биолозите, еколозите, универзитетските професори и останатите експерти веќе го искажаа својот изразито негативен став кон најавената урбанизација на просторот.

 

Во Интегрираната студија од јануари 2012 година, Студенчишко блато е вреднувано како природен феномен, кој како предложено заштитно подрачје зафаќа површина од 64 хектари, при што во еден сегмент од просторот е строго забрането да се градат какви било објекти. Конечните резултати околу вистинските негативни ефекти од овој градежен проект ќе бидат познати по финализирањето на Извештајот за стратегиска оценка на животната средина.

 

 

Бојан Блажевски