Претходна статија
Заврши модернизацијата на автопатската делница од Катланово до Велес
Следна статија
Најпопуларните објави во 2012

„Купи куќа, купи стан“ продолжува и во 2013 година

Објавено на 30.12.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Повторно е продолжен рокот за аплицирање за проектот „Купи куќа, купи стан“. Министерството за финансии реши по четврти пат да ја помести крајната дата до која ќе може да се поднесуваат барања за државно субвенционирање на станбен кредит од овој вид, а условите за заинтересираните остануваат исти. „Следната година Министерството за финансии ќе објави четири јавни повици, така што граѓаните ќе можат да аплицираат за проектот веќе од почетокот на јануари заклучно со 31 мај 2013 година“ се вели во соопштението од Министерството.

 

„Купи куќа, купи стан“ започна со реализација во пракса во јануари годинава. Првично, рокот за поднесување на барања беше до 1 март, а потоа беше продолжуван до 31 мај, до 31 октомври и до 31 декември. Сепак и покрај бројните продолжувања на роковите очигледно е дека проектот не ги дава посакуваните резултати. Изминатава година Владата на овој начин субвенционирала станбени кредити во висина од само 3,5 милиони евра, сума што индицира неколкукратно потфрлање во однос на очекувањата на Министерот за финансии Зоран Ставрески дека можноста ќе ја искористат 2.000 до 2.500 граѓани. Воедно проектот не успеа ниту да го раздвижи пазарот на недвижности.

 

Во „Купи куќа, купи стан“ како партнери на Владата учествуваат осум банки: НЛБ Тутунска, Охридска, ТТК, Шпаркасе, Алфа, Прокредит, Стопанска – Скопје и Стопанска – Битола. На заинтересираните граѓани им се нудат две опции. Со моделот „Половина рата“  државата неповратно ќе обезбеди половина од месечната рата (главница и камата) од станбениот кредит во првите пет години. Со моделот „Половина учество“, пак, државата ќе плати 50 отсто од учеството за кредитот, или најмногу до 6.250 евра, но во овој случај средствата не се неповратни, односно граѓаните ќе треба да ги вратат парите по истекот на 20 години.

 

Услов за учество во проектот е граѓаните да имаат примања до 900 евра месечно, цената на недвижноста да не биде над 900 евра за метар квадратен, а кредитот да не надминува 50.000 евра. Годишната каматна стапка за двата модела изнесува 4,99% во првите три години и 5,5% во четвртата и петтата година. Од 6-тата до 20-тата година истата ќе се пресметува согласно висината на 6-месечниот ЕУРИБОР + 4,5 процентни поени.