Претходна статија
Спортскиот центар „Борис Трајковски“ ќе биде збогатен и со аква парк
Следна статија
Поефтинува државното земјиште во Скопје

„Купи куќа, купи стан“ ќе стартува кон крајот на јануари

Објавено на 11.12.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Македонските граѓани ќе можат да ги поднесат првите барања за владиниот проект „Купи куќа, купи стан“ уште кон крајот на јануари 2012 година, а до крајот на март 2012 година се очекува да започне потпишувањето на првите договори за финансирање на станбените кредити. Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, во денешната изјава за новинарите ги напомена првичните очекувања на Владата на Р.М. од предвидениот проект. „Нашите очекувања се дека ќе бидат одобрени меѓу 1.500 до 2.000 барања со засега предвидените средства од Буџетот. Ако проектот се одвива според планот и доколку се увиди дека има извонреден интерес, тогаш при евентуално ребалансирање на средствата, доделени ќе бидат дополнителни средства“, истакна министерот Ставрески.

 

Според плановите на владата, за проектот „Купи куќа, купи стан“ во текот на 2012 година ќе бидат издвоени буџетски средства во износ од 4 милиони евра. Максималната вредност на станбениот кредит ќе треба да изнесува 50.000 евра, а притоа становите не треба да ја надминуваат сумата од 900 евра за метар квадратен. Според првиот понуден предлог, предвидено е субвенционирање на половина од месечната рата од станбен кредит за првите 5 години од отплатата на кредитот. Во вториот владин предлог е вметната можноста државата да плати 50% од учеството во кредитот за купување стан, односно изградба на куќа. За целокупниот проект „Купи куќа, купи стан“ веќе неколку месеци функционира интернет – страница на која граѓаните можат да се информираат за сите детали.

 

НЛБ Тутунска, Стопанска, Охридска, ТТК, Шпаркасе, Алфа, Прокредит и Стопанска – Битола се банките преку кои граѓаните ќе можат да ги доставуваат барањата за кредити кои ќе бидат субвенционирани од владиниот проект. Сите осум банки ги задоволиле критериумите за учество предвидени од страна на владата – 4,99% каматна стапка во првите три години и до 5,5% во наредните две години.

 

 

Бојан Блажевски