Охридскиот градоначалник Никола Бакрачески денеска обелодени проект за изградба на пет кружни текови по целата должина на булеварот „Туристичка“. Идентично како и најавата на неговиот претходник Александар Петрески во 2012 година, ветувањето е дека ќе се реализираат кружни текови на крстосниците на најважната сообраќајница во градот со улиците „Бистрица“, „Македонски просветители“, „Абас Емин“, „Јане Сандански“ и „Стив Наумов“. Локалната самоуправа пред две години веќе изгради еден кружен тек помеѓу булеварот „Туристичка“ и улицата „АСНОМ“ кај спортскиот комплекс „Билјанини извори“.
* Локациите за градење на кружните текови долж булеварот „Туристичка“
Новите сообраќајни решенија ќе почнат да се реализираат во март или април 2015 година, и тоа со финансиски средства од Светска банка и од буџетот на општината. „Двата кружни текови кои ќе бидат на улица „Туристичка“ ќе ги изградиме со средства од Светска банка. Едниот е на раскрсницата на која се пресекуваат улиците: „Туристичка“ и „Бистрица“. Другиот кружен тек ќе биде на раскрсницата помеѓу „Туристичка“ и „Македонски просветители““ изјави градоначалникот Бакрачески, но не ја обелодени финансиската вредност на проектот. Замислата за промена на семафорското решение на главната сообраќајница во Охрид е тема за која локалната самоуправа дискутира веќе неколку години, но сепак нема конкретна реализација на терен. Булеварот „Туристичка“ со постоечкиот начин на функционирање продуцира сообраќаен метеж, кој е особено голем во екот на летната туристичка сезона кога се создаваат долги колони од возила.