Наредната среда ќе се прослават пет години од Критична маса во Скопје. По 61-ви пат, на 31 мај ќе се организира колективно возење на велосипеди по скопските улици за актуелизација на значајни теми поврзани со урбаниот велосипедизам. Под мотото „Скопје, стани за 5-ка“, од неформалниот собир „На Точак“ направија кратка рекапитулација на Критична маса во Скопје. „Паралелно со Критична маса, водевме и институционална битка, работевме на кревање на свеста кај граѓаните, но и ги бомбардиравме со дописи градската администрација и други институции. За овие години Критичната маса за вело-промени порасна и промените веќе почнаа да се случуваат“ велат од граѓанската иницијатива.
Од „На Точак“ посочуваат дека во изминативе пет години биле променети на подобро неколку работи поврзани со велосипедскиот транспорт, но допрва треба да се работи на многу други нешта. Меѓу следните лекции на кои треба да се работи, тие ги напоменуваат велосипедските ленти низ општинските улици, заштита од паркирање на велосипедските површини и успорување на сообраќајот со инфраструктурни решенија.
Заедничкото возење велосипеди закажано за седум дена ќе започне во 17:30 часот на плоштадот „Македонија“, а ќе заврши со роденденска забава од 19 часот што ќе се организира во Градскиот парк.