Претходна статија
Почнува обуката на градежниците за енергетска ефикасност
Следна статија
Летово ќе се реконструира студентскиот дом „Гоце Делчев“

„Критична маса #24“ ќе го популаризира изнајмувањето велосипеди

Објавено на 29.04.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Под мотото „И да немаш точак, придружи се!“, граѓанската иницијатива „На точак“ во текот на утрешниот ден со почеток од 17:30 часот организира уште едно организирано возење на велосипеди низ улиците на Скопје. Априлското дружење ќе биде надополнето и со запознавање на заинтересираните граѓани со поволностите од користењето на системот за изнајмување велосипеди. „Граѓаните не се доволно информирани за станиците и процедурата на изнајмување. Сакаме нив да ги информираме, а од надлежните да побараме да ги решат проблемите со одржувањето на велосипедите и да им предложиме проширување и унапредување на системот“, потенцираат од иницијативата „На точак“.

 

 

 

Идентично како и во текот на минатите три години, јавното претпријатие „Градски паркинг“ и годинава им овозможува на граѓаните на главниот град да изнајмат велосипед на некој од петте пунктови лоцирани во општините Центар, Карпош и Аеродром. Иако првично беше најавено дека проектот „Скопје изнајми велосипед“ постепено ќе се развива, целосната негрижа на граѓаните и минималните финансиски средства што ги одделува Градот Скопје доведоа до тоа системот да не се развие на ниво на алтернативен градски превоз. Пред почетокот на секоја сезона, од градската каса се инвестираат финансиски средства во купување нови велосипеди и поправка на дотогашните, кои на крајот од октомври по правило се расипани или целосно уништени.

 

Граѓаните можат да ја користат услугата за изнајмување велосипеди секој ден во периодот од 8 до 23 часот. Еден час користење на ова превозно средство чини 10 денари. Покрај добра волја, за ползување на услугите од проектот „Скопје изнајми велосипед“ е потребна лична карта и пополнување на краток формулар од страна на секој корисник.