Втората фаза од реконструкцијата и проширувањето на булеварот Трета Македонска бригада кон центарот на Скопје ќе ја изведува косовската фирма „Ескаватори“ од Урошевац. Градот Скопје го склучи договорот за изградба на четири коловозни ленти, велосипедска патека и пешачки патеки во должина од 1.218 метри, на потегот од улица Васко Карангелески до улица Никола Карев. Долж целата траса е зацртано да се постави ново осветлување и хортикултурно да се уреди околниот простор. Времетраењето на потпишаниот договор е 20 месеци, временски период во кој треба комплетно да се заврши градежниот зафат. За реализација на проектот од градскиот буџет ќе се издвојат финансиски средства во износ од 76.382.300 денари, односно 1,2 милиони евра.
Градските власти на почетокот од септември минатата година го пуштија во употреба проширениот сегмент на булеварот Трета Македонска бригада, на потегот од булеварот Србија до улицата Фрањо Клуз, во должина од 1.243 метри. Во рамки на проектот беа изградени две дополнителни коловозни ленти, тротоари, велосипедска патека, средишно зеленило и ново осветлување.
Текст, фото: Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk