Со поддршка од Министерството за култура, интензивно се работи на конзервација и реставрација на црквата „Св. Горѓи Победоносец“, споменик на културата од XVI век во кумановското село Младо Нагоричане. Конзервацијата и реставрацијата на овој значаен споменик на културата од поствизантискиот период се одвива во повеќе фази, а стручните екипи на Националниот конзерваторски центар во моментов ги реализираат активностите за консолидација на архитектонско-конструктивниот состав на црквата, изведба на дренажен систем и партерно уредување.
* Извор на фотографија: Министерство за култура
Според усвоената динамика, целосната реализација на проектот треба да заврши до крајот на годинава. Потоа ќе бидат предложени мерки за заштита на фрескоживописот. Претходно на овој сакрален објект беше извршено зацврстување на конструктивниот систем на покривот, а беше извршена и санација на фасадите и на потпорните ѕидови околу црквата.
Црквата „Св. Горѓи Победоносец“ е трикорабна базилика со развиен впишан крст во основата. Оваа монументална гробишна црква е изградена од разнобојни обработени камени блокови, а фасадно е декорирана со керамопластични елементи.