Претходна статија
Битолската обиколница ќе биде реконструирана во наредните 8 месеци
Следна статија
Доделена наградата Energy Globe на Хабитат Македонија

Конкурс за идејно решение за уредување на коритото на Оревоечка река во Прилеп

Објавено на 21.09.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Општина Прилеп објави Конкурс за избор на идејно решение за партерно и хортикултурно уредување на регулираното корито на реката „Оревоечка“ во Прилеп. Станува збор за речното корито што минува низ централното градско подрачје на Прилеп, на потегот од Дабничкиот канал до мостот по улицата „Димо Наредникот“ во должина од околу 1.500 метри. „Со партерното уредување на речното корито потребно е да се овозможи движење на пешаци и движење на велосипеди, сè со обезбеден предуслов за нивно егзистирање при услови на висок водостој во реката“ се наведува во распишаниот Конкурс.

 

 

Од архитектите се бара во идејното решение да предвидат безбедно движење на лица со инвалидност, да предвидат јавни санитарни јазли во мајор коритото, да обезбедат мостовска врска на двата дела од мајор коритото, да предвидат поставување на урбана опрема, а проектираните пешачки и велосипедски патеки да не го попречуваат течењето на водите во случај на висок водостој на реката. За трите најсоодветни идејни решенија се обезбедени архитектонски награди, и тоа прва награда од 100.000 денари, втора награда од 60.000 денари и трета награда од 30.000 денари.

 

За оценување на пристигнатите идејни решенија е оформено жири во состав: Благоја Богоески, Марија Јанкулоска, Илија Беличоски, Милан Јованоски, Катица Димовска Талеска, Цветанка Магдеска и Мирослав Чорбиќ. Заинтересираните архитекти и проектантски бироа имаат рок до 26 октомври за да ги достават конкурсните трудови за партерно и хортикултурно уредување на коритото на Оревоечка река.