Претходна статија
Новите македонски возови од швајцарски „Штадлер“ или кинески „ЦСР“
Следна статија
ЕУ одобри финансии за проектирање на последната делница од пругата кон Бугарија

Конечно стартуваше Јавниот градски превоз во Прилеп

Објавено на 18.04.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Мапа на јавниот превоз во ПрилепПо неколкумесечно одложување на проектот од страна на локалната самоуправа, јавниот градски превоз во Прилеп денеска стартуваше со работа. Јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање (ЈП за ПУП) е организатор на проектот, кој се состои од три градски линии на кои ќе сообраќаат шест автобуси. Јавниот превоз е предвидено да функционира секојдневно, во периодот помеѓу 6:30 и 22:30 часот, и тоа на секои 30 минути во периодите помеѓу 6:30 и 9:30, 12:30 и 16:30 и 20:30 и 22:30 часот, додека во останатите делови од денот автобусите ќе сообраќаат на секој час. Цената на едно возење изнесува 20 денари, но на граѓаните им се достапни и дневен, викенд, неделен, месечен и годишен билет. Дневниот билет чини 50, викенд билетот 120, неделниот 250, месечниот 600, додека годишниот билет 6.000 денари. Поволности има за учениците и студентите за кои месечниот билет е со цена од 350 денари, а бесплатно е за лицата со посебни потреби.

 

Јавниот превоз во Прилеп ќе има најсовремен систем за наплата во земјава, со употреба на електронски картички што граѓаните еднократно ќе треба да ги купат и да ги надополнуваат со одредена сума. Наплатата ќе се врши преку електронските поништувачи на билетите, кои се инсталирани во секој автобус. Вториот начин е плаќањето во готовина во самиот автобус, за што граѓаните ќе добијат фискална сметка. Општина Прилеп отвори посебен пункт во центарот на градот за продажба на електронски картички, а екипите на ЈП за ПУП во изминатиов период ги обележаа автобуските станици низ целиот град и поставија електронски табли за информирање на патниците.

 

Локалната самоуправа во текот на претстојните месеци ќе набави дополнителни пет автобуси и електрични комбиња за две нови линии, но се очекува и донација на автобуси со кои ќе се воведат приградски линии кон Тополчани, Мало и Големо Коњари, Големо Радобил и кон Мариово. За јавниот превоз во Прилеп е изготвена и студија за оправданост од воведување на јавниот превоз од Сообраќајниот факултет во Битола.