Наскоро ќе почне реконципирањето на постојаната музејска поставка и ентериерното уредување на аулата на библиотеката „Другарче“ во скопската населба Карпош 3. Кинотека на Македонија годинава планира да го реконструира галерискиот простор и дел од помошните простории во приземјето на објектот. Со зафатот ќе се изведе ново осветлување, подови, витрини, а објектот ќе добие и просторија за едукативни проекции и пристап за лица со посебни потреби. Со претстојниот зафат ќе се инсталира современ видео-надзор и алармен систем. Проектот следува по реализираната обнова на кино-салата во библиотеката „Другарче“ од пред две години.
Од оваа национална установа информираат дека постојаната музејска поставка ќе биде надградена и збогатена со поголем број на експонати, скици, пишувана документација, апарати, реквизити, интерактивни содржини и простор за дружење и движење на посетителите. Овој објект на Кинотека на Македонија е единствен од ваков вид во нашата земја, додека влезот до музејската поставка што го следи развојот на македонската кинотечна уметност е бесплатен за сите посетители. Реконструкцијата на објектот ќе се изведува врз основа на идејното решение изработено од Медина Гициќ и Елена Ивановска.
Од Кинотека на Македонија информираат дека годинава ќе биде заокружен и основниот проект за изградба на Хавзи-пашините конаци во населбата Бардовци. Со обезбедувањето на сите потребни решенија, дозволи и заштитно-конзерваторска проектна документација ќе се овозможи почеток на реализацијата на проектот за употреба и одржување на објектот. Објектот ќе се ревитализира врз основа на идејното решение изработено од Љубиша Ѓорѓевиќ и основниот проект што го изготвува фирмата „ЈОРД ДООЕЛ“ од Скопје.