Една од последните неурбанизирани точки во централното градско подрачје на Скопје заминува во историјата. Некогашниот товарен склад на Старата железничка станица на булеварот Македонија ќе се руши и на негово место ќе се гради нова станбена зграда со приземје, шест ката и поткровје. Идниот објект треба да се изгради на локацијата пред самиот влез на идната подземна траса на Јужниот булевар. Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор (АДСДП) денеска го распиша огласот за изработка на проектна документација за новиот станбен објект, за која е планирано да се потрошат 6,3 милиони денари без вклучен ДДВ. Од АДСДП бараат во финалното решение да се применат рационални, современи и издржани решенија.
Атрактивната градежна парцела е со површина од 1.953 метри квадратни, додека идното здание ќе има бруто развиена површина од 12.496 метри квадратни. Маркичката за градење е вцртана во ДУП-от за Јужен дел на централното градско подрачје донесен од Општина Центар. Товарното складиште во моментов претставува девастиран објект, со уништено хортикултурно уредување и простор што не е соодветно осветлен во текот на вечерните часови.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk