Претходна статија
2,3 милиони евра за довршување на градскиот водовод во Тетово
Следна статија
ТЕМА: Тендерот за скопскиот трамвај сеуште не е објавен, експертите бараат отвореност на процедурата

Ќе се реконструираат нови делници од железничкиот Коридор 10

Објавено на 09.07.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

По почетокот на реализација на проектот за санација на 55 километри од пругата долж Коридорот 10, владата денеска дополнително најави и реконструкција на делниците Куманово – Дељадровце, Драчево – Велес и Битола – Кременица од ова паневропско поврзување. Започнува изготвувањето на проектната документација за санацијата на овие сегменти од железничката инфраструктура за што се предвидени 1,4 милиони евра, од кои 1,2 милиони евра се обезбедени од ИПА програмата за регионален развој и 200 илјади евра од државниот буџет. Приоритет во реализацијата ќе има делницата од Битола до Кременица, за која ќе се издвојат околу 9 милиони евра. Според владините информации, активностите за второто железничко поврзување со Грција ќе стартуваат во 2013 година и ќе завршат најдоцна до 2015 година, што претставува повторно одложување од една година за реализацијата на овој проект кој се одложува веќе неколку години.

 

 

 

 

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески најави дека во наредните години ќе се одвојат позначајни средства за развој на железничкиот сообраќај во земјава. „Во периодот од 2014 година Македонија ќе почне со имплементација на проекти во износ од околу 22 милиони евра кои ќе се финансираат во рамки на оперативната програма за регионален развој, а предвидуваат активности за секторот железници, поврзани со двата железнички паневропски коридора во Македонија“, изјави Ставрески на денешната прес – конференција.

 

Во владините ветувања влегува и обновата на Железничката станица во Скопје во износ од 2,7 милиони евра, за која е предвидено веќе наредниот месец да се објави тендерот, а во 2013 година да започнат градежните активности на терен. Во следната фаза е зацртано да се реконструираат сите железнички станици долж Коридорот 10, што се очекува да чини околу 6 милиони евра. Со спроведување на санацијата на овие делници се очекува да се зголеми максималната брзина на движење на возовите на 120 или на 160 километри на час. Со заем од Европската банка за обнова и развој, веќе се започнати градежните работи за ремонт на делниците Табановце – Куманово и Миравци – Смоквица во должина од 24,1 километри.