Општина Центар објави повик за реконструкција на старите фасади од станбените згради во центарот на Скопје, на кој може да се пријават заинтересираните заедници на сопственици на станови лоцирани на нејзината територија. Предвидената санација ќе опфати поставување на нова термичка фасада на зградите и замена на старата и дотраена фасадна столарија со нова од страна на граѓаните. Во проектот имаат право да учествуваат оние станбени објекти коишто се постари од 15 години и немаат градежни активности во текот на аплицирањето. Покрај овие услови, станарите мора да имаат организирано заедница на сопственици или да имаат избрано управител на станбена зграда. Како дополнителни услови во повикот се наведени и: давање согласност на станарите да дозволат анкетирање, енергетски контроли и промотивни активности во рамките на нивната зграда и стан, најмалку 70% од сопствениците на станови сами да ги променат балконските врати и прозорци или да земат кредит за оваа намена, сами да ги променат прозорците и надворешните врати од заедничките простории, но и најмалку 70% од становите во зградата да се користат во текот на целата година.
Главни критериуми при изборот на станбените објекти што ќе се реконструираат се процентот на согласни станари за замена на прозорците и балконските врати и амортизираноста на објектот. Сите заинтересирани лица треба да се пријават на повикот најдоцна до средината на јуни. Засега не е познат бројот на зградите што ќе добијат нови фасади, но подетални информации ќе се објават по конечното определување на висината на оваа инвестиција од страна на општина Центар. За следната седница на општинскиот совет е предвидено гласање за зголемување на буџетот за реконструкција на фасадите на 28 милиони денари. Општина Центар досега успеа да ги обнови фасадите на 11 објекти од центарот на Скопје.