Министерството за здравство ќе инвестира во санација, реконструкција и доградба на објектот во кој е сместена Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“, спроти Републичкото Собрание. Реконструктивниот зафат следува по изготвувањето на основниот проект за реконструкција и санација на болничката зграда, по барање на надлежното министерство. Се проценува дека реализацијата на проектот ќе го чини државниот буџет 85.000.000 денари, односно над 1,3 милиони евра
Рокот за доставување на понуди за учество на тендерот истекува на 29 јули, за кога е закажано и нивното јавно отворање. И покрај тоа што фасадата на здравствениот објект беше реконструирана пред десетина години, поголемиот дел од внатрешните простории се наоѓаат во лоша состојба и истите не се санирани веќе неколку децении наназад.
Маркантното здание претставува една од најзначајните градби на модерната архитектура во Скопје изградена пред Втората светска војна. Како проект на раната модерна, хрватскиот архитект Драго Иблер го проектирал објектот во 1929 година, а пуштен е во употреба во 1931 година. Зградата претставува споменик на културата заштитен од страна на Управата за заштита на културното наследство.
Бојан Блажевски