Претходна статија
ФОТО ВЕСТ: Фасадата е при крај, Градската куќа годинава ќе го добие и ентериерот
Следна статија
Наскоро реконструкција на Центарот за култура во Кочани

Ќе се реконструира покривот на Националната и универзитетска библиотека

Објавено на 30.01.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Објектот на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје ќе добие нова покривна конструкција, со што трајно ќе се реши проблемот со протекувањето во внатрешноста на објектот. Раководството на оваа национална установа склучило договор за санација на хидро и термо изолацијата на завршната покривна армирано бетонска плоча на зградата. Санациониот зафат ќе го изведува велешката фирма „ПЕСКАРА-ВЕЛ“. Времетраењето на договорот потпишан од пред две недели е 10 месеци. За реализација на градежните активности се издвоени финансиски средства од 35.776.134 денари.

 


* Новиот дел од објектот на НУБ „Св. Климент Охридски“

 

Со санацијата на покривната конструкција започнува втората фаза од проектот за целосна реконструкција на објектот на Народно-универзитетската библиотека. Во текот на минатата година беше обновена водоводната и канализационата мрежа, заедно со санитарните јазли во ова здание. За реализација на почетната етапа од реконструкцијата се издвоија околу 5,1 милион денари. Во третата фаза од проектот е предвидено да се санираат двете големи читални, административниот простор и сите останати внатрешни простории.

 

Објектот на НУБ е изграден во далечната 1971 година и до денешен ден не бил реконструиран. Автор на зданието е македонскиот архитект Петар Муличковски. Градбата е оформена од армиранобетонски скелет, кој на фасадата е проткаен со мотиви инспирирани од македонското културно наследство. Управата за заштита на културното наследство пред две години го заштити овој објект како недвижно културно наследство, заедно со уште неколку објекти од областа на културата во Скопје.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk