На веб – страницата на Европската банка за обнова и развој (EBRD) е објавен тендер за прибирање на понуди од градежните компании за реконструкција на железничкото депо „Лисиче“ во Скопје. Со обезбедените финансиски средства од EBRD ќе се реконструира депото за одржување на возниот парк на Македонски железници – Транспорт, вклучувајќи ги седумте хали за сервисирање на локомотиви и на патнички гарнитури. Во депото „Лисиче“ ќе се изведат реконструктивни градежни работи, ќе се постават нови електрични инсталации и ќе се санираат машинските инсталации.
Градежната компанија, како иден изведувач на работите, ќе постави нов систем за изолација на покривната конструкција, надворешни врати, нови надворешни светларници, ќе изведе нова надворешна и внатрешна фасада, под, преградни ѕидови и ќе постави внатрешни врати. Со проектот е предвидено да се инсталира нов систем со ЛЕД – осветлување, систем за надворешно осветлување, противпожарен систем и громобран, додека на покривната конструкција ќе се монтира фотоволтаичен систем. При темелната реконструкција на депото „Лисиче“ ќе се постави нов систем за вентилација, ќе се санира постоечкиот систем за греење и ќе се инсталира нов систем за централно греење на нафта и гас.
Градежните работи е зацртано да се реализираат во временски период од 12 месеци. Компаниите што сакаат да учествуваат на распишаниот тендер треба да ги поднесат своите понуди најдоцна до 29 април, вклучувајќи ја и банкарската гаранција за сериозност на понудата во висина од 70.000 евра. Македонски железници – Транспорт во текот на минатата година изготви проектно – техничка документација за реновирање и адаптација на депото „Лисиче“.
Бојан Блажевски