Претходна статија
Се готви уште една катна гаража во стилот на „Скопје 2014“
Следна статија
Нов кружен тек во Ѓорче Петров

Ќе се обновуваат 250 фасади на објекти со културно – историско значење

Објавено на 25.04.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Министерката за култура, Елизабета Канческа – Милевска, денес го најави проектот за обнова и конзервација на фасади во значајните градски јадра, во неколку градови низ Македонија. Проектот стартува со интервенција врз пет објекти од 19 и почетокот на 20 век, која ќе се одвива во текот на оваа година. „Фасадите на пет објекти од старата градска архитектура до крајот на годинава ќе бидат конзервирани и реставрирани за да им се врати автентичниот изглед на градбите кои имаат културно – историско значење. Тие се наоѓаат во градските јадра на Крушево, Скопје, Прилеп, Битола и Кратово и за нивната санација Министерството за култура намени 11.234.000 денари“, истакна министерката. Ќе се обновуваат фасадите на семејната куќа на улица Партизанска бр 38 во Крушево, куќата на Бектешовци во Прилеп, поранешниот конзулат на Велика Британија во Битола, пет групирани дуќани во Ајдучка чаршија во Кратово и една куќа на влезот на Старата скопска чаршија, на улица Битпазарска бр 145.

 

Според зборовите на министерката, во завршна фаза е опсежната и детална анализа за состојбата на сите споменици и споменични целини во Македонија. Според доставените предлози од заводите и музеи, се работи за околу 250 значајни објекти на кои им е потребно враќање на автентичниот изглед. Во некои од објектите живеат семејства, кои немаат финансиска обврска во обновата, а реставраторите нема да се мешаат во ентериерното уредување туку ќе интервенираат само на фасадите, обновување на балконите и оградите, замена на прозорците и подобрување на статиката. Министестерството во соработка со Управата за заштита на културното наследство ќе ги одреди приоритетите и во наредните четири до пет години ќе се издвојуваат средства за санацијата.

 

 

* Семејна куќа на улица Партизанска бр 38 во Крушево

 

 

* Куќата на Бектешовци во Прилеп

 

 

* Поранешниот конзулат на Велика Британија во Битола

 

 

* Пет групирани дуќани во Ајдучка чаршија во Кратово

 

 

* Куќа на влезот на Старата скопска чаршија, на улица Битпазарска бр 145