Локалните власти од Карпош годинава ќе ја започнат изградбата на иновативен сквер во скопската населба Жданец. Општината веќе го избра изведувачот на подготвителните работи и партерот за идниот јавен простор, а допрва ќе се објават податоци и за останатите фази од реализацијата на проектот. Фирмата „СМ Компани“ од Свети Николе ќе ги врши активностите за партерно уредување на скверот од околу 500 метри квадратни. Од локалниот буџет за оваа намена се издвоени 4.270.789 денари. Активностите за осовременување на просторот во Жданец треба да се комплетираат во рок од 12 месеци.
Плоштадот ќе има иновативна урбана опрема, вклучувајќи светилки во форма на клукачи, клупи во форма на штипки, јарболи – моливи, држави за велосипеди што ќе изгледаат како спојувалки и други елементи. Архитектонското решение за планираниот сквер го изработи Игор Василевски од Креативниот тим на Општина Карпош.