Во тек е архитектонски Конкурс за избор на идејно решение за реконструкција и доградба на хотелот Молика во националниот парк „Пелистер“. Пристигнатите трудови ќе ги цени жири комисија во која покрај претседателката Маја Станојевска, членуваат и Никола Каровски, Милош Стокука и Благица Андоновска. Авторите на прворангираното идејно решение ќе се здобијат со парична награда од 310.000 денари, за второрангираното следува награда од 120.000 денари, а за треторангираното 70.000 денари. Трудовите треба да се достават до сопственикот на хотелот, АД ЕЛЕМ, најдоцна до 10.06.2016 година.
Хотелот Молика започна со работа во 1994 година и претставува капацитет со три звездички. Во моментов располага со 54 соби и три апартмани, ресторан со летна бавча со капацитет од 200 места и две помали конгресни сали.
Во рамки на обидите за заживување на туризмот на Пелистер, минатата година беше изработена физибилити студија за проширување на Зимско – рекреативниот центар „Пелистер“, во која е предвидено негово етапно проширување, најпрвин во појасот околу врвот Муса, а во следната фаза е предвидено проширување кон месноста Орлови Бари и кон Преспа. За реализација на проектот, во физибилити студијата се предлага воспоставување на јавно – приватно партнерство со заинтересиран инвеститор, а висината на потребната инвестиција се проценува на над 8,5 милиони евра.