Општина Битола ја поништи постапката за доделување на договорот за адаптација на спортската сала „Младост“. Втората фаза од реконструкцијата на ова спортско здание е прекината поради тоа што не е поднесена ниту една прифатлива понуда, се наведува во одлуката објавена на веб – страницата на Бирото за јавни набавки. Со ваквиот потег се отвора простор за распишување на нов тендер за реализација на претстојниот реконструктивен зафат. Со втората фаза од проектот е предвидено да се санираат ходниците, соблекувалните и вториот дел од тоалетите во салата „Младост“.
Локалната власт од Битола треба допрва да соопшти за тоа кога ќе го објави новиот тендер за изведба на градежните работи. Минатата пролет беше реализирана првата фаза од реконструктивниот зафат на спортската сала, со која беше инсталиран нов систем за затоплување и беа санирани покривот, игралиштето и трибинскиот простор за гледачите.