Ако продолжи ниското ниво на култура на граѓаните при употребата на јавните велосипеди, можно е главниот град да остане без ниту едно од овие превозни средства што во моментов се нудат за изнајмување. Градот Скопје денеска излезе со информација дека од почетокот на проектот „Скопје изнајми велосипед“ до денес биле исфрлени од употреба вкупно 159 велосипеди, од кои 150 се уништени, додека девет се украдени од страна на неодговорните граѓани. Ако се земе во предвид дека на почетокот од овој проект беа достапни за користење 70 велосипеди, излегува дека градската управа вложила во купување на двојно повеќе од овие превозни средства, кои во меѓувреме станале неупотребливи.
Наместо да се вложува во натамошен развој, Градот Скопје мака мачи со одржување на постоечкиот систем. „Екипите на ЈП „Градски паркинг“ секојдневно вршат поправки и ги сервисираат велосипедите за тие да бидат безбедни за користење. Ако некој украде велосипед, ЈП „Градски паркинг“ кражбата ја пријавува во полиција, односно поднесува пријава за кражба или пријава за затајување на туѓа сопственост“, се истакнува во денешното соопштение од Градот Скопје. За непречено функционирање на овој проект, последен пат се купија 90 нови велосипеди на почетокот од октомври минатата година.
Освен главниот град, ниту едно друго населено место во земјава не ја има воведено цивилизациската придобивка за изнајмување на велосипед како еколошко и економично превозно средство. Граѓаните на главниот град се единствените кои ја имаат можноста да изнајмат велосипед за 10 денари од час на некој од постоечките пунктови во општините Центар, Карпош и Аеродром. Проектот „Скопје изнајми велосипед“ беше воведен во јули 2010 година, во соработка помеѓу Градот Скопје и невладините организации Екосвест и ГЕФ ПМГ.