Нискобуџетната авиокомпанија „Визер“ од 15 ноември ќе почне да лета три пати неделно на релацијата Виена – Охрид – Виена. Ова соопштение беше објавено денес од самата компанија, по повод воспоставувањето на нивните нови летови од аеродромот во Виена. Авионските карти меѓу Охрид и Виена веќе се пуштени во продажба, по почетна цена од 19,99 евра. Ваквите информации од „Визер“ доаѓаат во моментот кога Република Македонија треба да одлучи што ќе прави понатаму со државните субвенции за оваа авиокомпанија, кои овозможија нови дестинации од нашите аеродроми и зголемен број на патници, но и поплаки за нелојална конкуренција од некои редовни авиокомпании.
Од Министерството за транспорт и врски информираат дека во моментов се прави стратегија за начинот на отпочнување на постапка за доделување на финансиска поддршка на авиопревозниците. Договорот со „Визер“ истекува во јуни годинава, а веќе е извесно дека државата ќе објави нов јавен повик за пријавување на нискобуџетните авиокомпании. Од ова министерство во изјава за „Билд“ велат дека прецизни информации може да се очекуваат по изработката на верзијата за начинот на отпочнување на оваа постапка.
Од ТАВ Македонија денеска излегоа со информација дека од двата македонски аеродрома патувале 2.027.344 патници во текот на 2017 година. Бројката на патници во воздухопловниот превоз лани била зголемена за 13% во споредба со 2016 година. Вкупниот број на летови бил зголемен за 7%, така што тој лани ја достигнал бројката од 18.130. Во однос на уделот на авиокомпаниите во сообраќајот на патници, од ТАВ Македонија информираат дека „Визер“ превезол 59% од вкупниот број на патници на двата аеродрома.
Статистичките податоци посочуваат дека најфреквентни дестинации од скопскиот аеродром минатата година биле Истанбул со 12,3% пазарен удел, а по него следуваат Цирих (8,6%), Виена (6,5%), Базел (5,3%), Малме (4,6%) и Лондон (3,7%).
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk