Владата на вчерашната 46 седница ја усвои информацијата во врска со поднесеното барање на ТХОР ИМПЕКС ДООЕЛ од Скопје за издавање на овластување за изградба на ветерната електрана „Богословец“ и донесе одлука за одобрување на изградбата на оваа ветерна електрана, која ќе биде прва од ваков тип во приватна сопственост. Од владината прес-служба не соопштија дополнителни детали околу висината на инвестицијата, почетокот на изградбата и моќноста на идниот енергетски капацитет.
Нашата земја во моментов има единствено еден ветерен парк „Богданци“, изграден од Електрани на Македонија. Овој енергетски капацитет беше пуштен во употреба пред три години, но во изминатиов период имаше и други најави за изградба на ваков тип на објекти. Турската компанија „НеСа Енерџи“ во текот на 2014 година најави дека ќе ја гради ветерната електрана „Вардар Проект“ со моќност од 50 мегавати, но не ја реализираше инвестицијата. Пред неа, приватен инвеститор беше заинтересиран за изградба на ветерна електрана и во регионот на Штип, но и оваа идеја не заврши успешно.