Грчките медиуми деновиве го отворија прашањето за размена на споменици меѓу Скопје и Атина во периодот што претстои. Во Атина веќе беше лиферувана информацијата дека тамошната министерка за култура Мирсини Зорба остварила средба со авторот на споменикот „Тркачот“ Костас Вароцос, којшто одбил неговото уметничко дело од стакло да се пресели во Скопје во замена за дислокација на „Воинот на коњ“ од скопскиот плоштад „Македонија“.
*Ќе биде ли наскоро „Воинот на коњ“ во Скопје демонтиран? Фото: Архива на „Билд“.
Грчката министерка Зорба во изјава за тамошните медиуми нагласила дека постои можност за размена на споменици меѓу двете земји, но и дека тоа не било под нејзина надлежност. Доколку се оствари ваквата замисла, тогаш споменикот на Александар Велики и другите историски личности од хеленскиот период би требало да отпатуваат од Скопје во Грција. Од Владата на Северна Македонија попладнево демантираа дека постои иницијатива за размена на споменици меѓу двете земји.
Во согласност со Преспанскиот договор, владата во Скопје во следната фаза ќе треба да одлучи што ќе прави со сите споменици и останати обележја од хеленскиот период што се наоѓаат на нашата територија. Извршната власт веќе се одлучи на спомениците во Скопје да поставува плочи на кои ќе пишува дека претставените личности водат потекло од хеленскиот период и се симбол на пријателството на двете земји, што беше дочекано со жестоки реакции од архитектите и урбанистите кои со години наназад се бореа против проектот „Скопје 2014“ и бараат отстранување на ваквите објекти поставени во нелегална постапка.