Агенцијата за катастар на недвижности го привршува проектот „Катастар на недвижности и регистрација“, кој предвидува целосна дигитализација на постоечките катастарски планови. Целокупниот процес на дигитализација на оваа документација е предвидено да се реализира до крајот на 2014 година. Со остварувањето на проектот ќе се заменат хартиените катастарски планови, ќе се зачуваат оригиналните документи, но и ќе се олесни нивното користење, а граѓаните ќе можат побрзо да ги решаваат предметите поврзани со катастарот. Од 1.906 катастарски општини, во моментов се дигитализирани 420.
Со дигитализацијата на катастарските планови ќе се скрати рокот за запишување на правата на недвижностите, ќе се овозможи издавање копија од катастарски планови на шалтер, исто како и имотни листови и ќе се олесни пристапот до нив од страна на граѓаните. Ваквата документација во иднина ќе претставува основа за воспоставување регистар на просторни единици, графички регистар на улици, куќни броеви и градежно земјиште, но и за планирање на просторот.