Агенцијата за катастар на недвижности потпиша договор за реализација на ЛИДАР скенирање на Република Македонија. Норвешкото Министерство за надворешни работи преку Норвешката агенција за картирање, финансиски ги помагаат земјите од Балканот да го подобрат пристапот до ажурни географски податоци и до основни регистри во периодот до октомври 2020 година. Преку овој проект во нашата земја ќе се воспостави дигитален модел на теренот на земјата, но и ќе се изградат капацитети за чување и дистрибуција на тие теренски податоци во дигитална форма.
Како што информираат од Агенцијата за катастар на недвижности, овој проект ќе биде неопходен за ублажување на ризикот од поплави, следење на поплави и за дејствување во ситуации на поплави, како и за намалување на трошоците за инфраструктурни проекти, подобрување на заштитата на животната средина, мониторинг и просторно планирање. Проектот за оформување на дигитални податоци за теренот на државата е поддржан со 7.500.000 норвешки круни.
Дигиталниот модел на теренот ќе го изготви полската фирма „МГГП Аеро“, а овој модел е дел од Стратегијата за националната инфраструктура на просторни податоци (НИПП) на Република Македонија, согласно европската ИНСПИРЕ Директива.