Претходна статија
Втора шанса за изградба на ново основно училиште во скопско Лисиче
Следна статија
Tендер за изградба на експресниот пат Штип - Кочани

Кампањата „ЕУ за тебе“ во Прилеп: Финишира изградбата на пречистителната станица

Објавено на 07.02.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Амбасадорите на ЕУ и на Германија, Самуел Жбогар и Кристине Алтхаузер денеска го посетија Прилеп во рамките на кампањата „ЕУ за тебе“. На состанокот со прилепскиот градоначалник Марјан Ристески, тие се информираа за тековната состојба со реализацијата на проектот за изградба на пречистителна станица за отпадни води и за санација на канализационата мрежа во градот. Европската унија има обезбедено 21,5 милиони евра за реализација на еден од најзначајните инфраструктурни зафати во општина Прилеп. Пречистителната станица ќе има капацитет да ги прими отпадните води од 95.000 жители.

 

Покрај овој зафат, во прилепската локална самоуправа со европски финансии се реконструира и надоградува канализационата мрежа во должина од 65 километри. Кога ќе заврши изведбата на двата паралелни проекта, дури 95% од жителите на Прилеп ќе бидат поврзани на унапредената инфраструктурна мрежа. Од делегацијата на Европската унија во земјава информираат дека Прилеп е една од општините во Пелагонискиот регион која што има бенефит од програмата за справување со поплави. Во рамките на проектот вреден 10 милиони евра, се реализираше чистење на 46 километри од коритото на Црна река.

 

Помошта која Европската унија и ја доделила на нашата земја преку ИПА 1 програмата изнесува над 80 милиони евра за периодот од 2007 до 2013 година. Програмата ИПА 2 предвидува алокација на 100 милиони евра за идни инфраструктурни проекти во наредниот период.