Претходна статија
ОСВРТ: Нови споменици се прават, старите не се оддржуваат
Следна статија
ОСВРТ: Интересот за сончеви електрани огромен, готовите проекти малку

Камен темелник за автоматизирана катна гаража во центарот на Скопје

Објавено на 02.08.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Катна гаража Мал Ринг 5-13На брегот на Вардар, помеѓу објектите на МЕПСО и Македонски Пошти во центарот на Скопје [»мапа], денес почна изградбата на автоматизирана катна гаража „Мал ринг 5-13“, која треба да обезбеди 280 паркинг места. Објектот ќе има висина од 29 метри и вкупна површина од 8.222 метри квадратни. Фасадата е во класичен стил со апликации од портал и колонади од лакови во приземјето и на катот, разбиени со стакелни екрани низ кои ќе може да се гледаат паркираните возила. Изгледот произлегува од минатогодишниот конкурс на кој се бараше примена на елементи од барок, класицизам, неокласицизам, романтизам и неоромантизам.

 

Пристапот до гаражата е решен со новопроектирана улица со влез и излез од првото подрумско ниво. Таму сопствениците ќе ги оставаат возилата кои потоа со лифтови автоматски ќе се дистрибуираат до слободните паркинг места. На ваков начин, иако инвестицијата е повисока, се обезбедува поголема искористеност на просторот, како и целосна безбедност на паркираните возила.

 

Инвеститор е Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор (ЈПССДП), кое во објектот ќе вложи 5,8 милиони евра, делумно кредит, а делумно сопствени средства. Проектот го изработи „ГМС Проект“, а изведувач е градежната компанија „Гранит“. Како градежен надзор повторно се јавува ЈПССДП. Рокот за комплетирање на објектот е две години.