Претходна статија
„Скопје 2014“ оди на Уставен суд
Следна статија
Откупен центар во Струмица и агроберза во Кочани

Се бара идејно решение за катна гаража со „стара“ архитектура

Објавено на 11.02.2010 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Извадок од ДУП. Катната гаража е предвидена со маркичката 5.13 Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор вчера распиша конкурс за изработка на идејно архитектонско решение за катна гаража со деловен простор, лоцирана на брегот на Вардар помеѓу објектите на МЕПСО и Македонски Пошти. Објектот предвиден според ДУП „Мал Ринг“ на градежна парцела со површина од 945 метри квадратни, треба да има приземје и девет ката, максимална висина од 29 метри и бруто развиена површина од 9.450 метри квадратни. Се бара фасадата да биде во стил на барок, класицизам, неокласицизам, романтизам и неоромантизам.


На приземјето и два ката од објектот треба да има деловни содржини со мултифункционална намена, а на останатите катови да биде сместен јавен паркинг со капацитет од најмалку 315 возила. Како дополнителни критериуми за оценување и рангирање ЈПССДП ги наведува примената на нови технологии во паркирање користени во Европа и Светот и понудено решение со поголем број на паркинг места од бараниот. Трудовите треба да се достават најдоцна до 07.04.2010 а резултатите ќе бидат објавени во рок од 15 дена од завршувањето на конкурсот. Предвидена е прва награда во висина од 300.000 денари, втора награда во висина од 200.000 денари и трета награда во висина од 100.000 денари. Дополнително може да бидат откупени уште најмногу две идејни решенија во висина од по 30.000 денари.


Овој објект беше најавен неодамна заедно со уште седум други катни гаражи во центарот кои треба да ги градат и стопанисуваат државни субјекти. ЈПССДП покрај оваа треба да реализира катни гаражи и кај ССМ и Музејот на Холокаустот, како и уште една гаража кај МЕПСО, но од страната на ул. Орце Николов. По две катни гаражи треба да градат Општина Центар и Град Скопје.