Покрај булеварот Февруарски Поход, во близина на новиот терминал за автобусите 5 и 15, ќе никнат 14 станбени згради со вкупно 750 станови. Изградбата започна неодамна, а вчера и симболично беше поставен камен-темелник во присуство на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и градоначалниците на Град Скопје и Општина Аеродром, Коце Трајановски и Ивица Конески. Тринаесет од овие четиринаесет парцели беа продадени на почетокот на годинава за сума од 2,5 милиони евра. Објектите ги градат пет домашни фирми, и тоа „Настел“ работи на четири згради, „Диас контракшн“ на три, по две градат „Адора Инженеринг, „Новоградба“ и „Алфа Импорт“, а „Глиц“ гради еден објект. Инвестиција се проценува на околу 25 милиони евра. Зградите треба да бидат готови за нешто помалку од две години, а министерот Јанакиески смета дека нивната изградба е импулс за намалување на цената на станбениот квадрат во Скопје.