Претходна статија
Интензивно се работи на реконструкција на болницата „Св. Еразмо“
Следна статија
Изложба и промоција на книгата „Херои за еден ден“

Јубилејна „Критична маса“ за поддршка на зелениот превоз во земјава

Објавено на 27.06.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Граѓанската иницијатива „НаТочак“ во среда (29 јуни) повторно ќе организира заедничко возење на велосипеди низ скопските улици. Јубилејната 50-та средба на велосипедистите ќе започне од Транспортниот центар-Скопје и ќе заврши со пикник на просторот помеѓу Скопското кале и Музејот на современа уметност. На претстојното возење се поканети сите добронамерни граѓани со своите велосипеди, а оваа „Критична маса“ ќе се обиде да ја популаризира идејата за комбинирање на велосипедот со јавниот превоз во земјава, првенствено за користењето на автобускиот превоз во Скопје и железничкиот сообраќај низ земјава.

 

 

„Јавниот превоз и велосипедскиот може да функционираат како добра комбинација и алтернатива на автомобилот: јавниот превоз поради својата брзина, а велосипедскиот поради можноста за „превоз до врата“, велат од иницијативата „НаТочак“. Јубилејното издание на „Критична маса“ ќе се обиде да ги промовира концептите за мултимодалност (различни опции за патување) и интермодалност (различни начини на транспорт). Од граѓанската иницијатива велат дека веќе оствариле средба со ЈСП-Скопје за оваа идеја, но се надеваат дека ќе наидат и на разбирање од Македонски железници-Транспорт, која во моментов го забранува превозот на точаци со возови.