Претходна статија
РЕПОРТАЖА: Изградбата на автопатот Демир Капија - Смоквица се ближи кон финишот
Следна статија
Ќе се гради пешачко - велосипедска патека во Марино

ЈСП од 1 август воведува електронска наплата на билети

Објавено на 14.07.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Скопскиот градоначалник Коце Трајановски и министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски денеска го промовираа новиот систем за автоматска локација на возилата и за електронска наплата на билети во јавниот градски превоз. Двата системи ќе почнат пробно да функционираат во август во автобусите на ЈСП-Скопје, додека приватните превозници ќе ги воведат од 1 јануари 2016 година. „Системот овозможува од контролен центар да се следат автобусите во реално време, дали се запазуваат пропишаните возни редови, односно за секој автобус ќе има една линија на која ќе се следи неговото движење, како и да се добие реална слика за бројот на патниците по категории“, изјави градоначалникот Трајановски.

 

* Извор на фотографија: Град Скопје

 

 

На скопјани ќе им бидат понудени два типа на електронски картички: Скопска (пренослива без фотографија) и Моја Скопска (сопствена картичка со фотографија). Овие картички ќе можат да се набават од осум центри низ населбите, како и во дирекцијата на ЈСП. Дополнувањето на картичките ќе се врши на 60 локации, а ќе се постават и три автомати. Системот за електронска наплата на билети и за автоматска локација на возилата ќе биде инсталиран во 500 автобуси на сите скопски превозници. Кога ќе се качат во автобус, граѓаните ќе треба да ја доближат картичката до валидаторот, кој автоматски ќе им одземе средства од нивната картичка во вредност од едно возење. Неупотребата на картичката и други злоупотреби од граѓаните ќе се казнуваат.

 

Во рамки на овој проект е предвидено да се постават над 50 информациони дисплеи за пристигнување на автобусите на постојките, со кои ќе се информираат самите патници за возниот ред. Автоматската локација на возилата ќе им овозможи на граѓаните опција за испраќање на СМС пораки преку кои ќе добиваат информација за возниот ред и веб апликација што ќе понуди планер на патување помеѓу две локации во градот со користење на јавниот превоз. Имплементацијата на проектот ја врши конзорциум од Македонски телеком, Маргенто од Словенија и ИКОМ од Бугарија. Градот Скопје одвои околу 3.000.000 евра за реализација на двата системи.