Претходна статија
Стратегијата за продажба на парцели во касарната „Илинден“ мора да се менува
Следна статија
Екологистите се бунат, карванот за изградба на „Бошков мост“ и „Луково поле“ си врви

Изградбата на станови во минус и во текот на ноември

Објавено на 14.01.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Проблеми со електронското издавање на градежни дозволи или пак намален интерес за вложување во изградба на станбени згради? Државниот завод за статистика веќе неколку месеци по ред бележи намалување на бројот на одобренија за градење што се издадени за подигање нови станбени единици. Според податоците за ноември 2013 година, физичките и правните лица предвиделе изградба на 414 станови со вкупна корисна површина од 37.878 метри квадратни, што претставува остар пад од 36% кај бројката на станови и од 27,1% во однос на нивната површина во споредба со ноември 2012 година. Деловните субјекти ја започнале постапката за градење на 230 единици за домување, чија вкупна површина е 15.393 метри квадратни. Останатиот прилив на инвестиции кај овој вид недвижности доаѓа од индивидуалните лица.

 

 

 

Статистичарите пресметале дека најголем интерес постои за изградба на трисобни (154) и четворособни станови (119). Како и во изминатите години, вложувањето во изградба на станови е сконцентрирано онаму каде што е и најголема побарувачката – во скопскиот регион. Главниот град со 167 предвидени станови за градење предничи пред југоисточниот со 93 и полошкиот регион со 76 станбени единици. Според статистичкиот извештај, прва на листата на општини со најмногу одобренија за градење на станбени објекти е Аеродром, каде што во ноември започнала постапка за подигање на 122 станови, а потоа следуваат општина Струмица (84) и Гостивар (48).

 

Покрај во станбениот сектор, негативни резултати се бележат во градежништвото во целост. Во ноември 2013 година се издадени 182 одобренија за градење или за 21,6% помалку во однос на истиот период од минатата година. Предвидената вредност на објектите изнесува 1.958.089.000 денари, што е за 31,2% помалку во споредба со идентичниот период лани. Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 160 (87,9%) се наменети за објекти од високоградба, 6 (3,3%) за објекти од нискоградба и 16 (8,8%) за објекти за реконструкција. Како инвеститори на 154 (84,6%) објекти се јавуваат физички лица, додека на 28 (15,4%) инвеститори се деловни субјекти.