Претходна статија
Во Струмица ќе се гради секундарна гасоводна мрежа во должина од 7 километри
Следна статија
Белгиски „Ван Хол“ влегува во „Бунарџик 2“

Изградбата на патот Радовиш – Струмица руши неславни рекорди

Објавено на 19.06.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

По раскинувањето на договорот со хрватската градежна компанија „Ингра“, Агенцијата за државни патишта распиша нов оглас за избор на најповолен понудувач за изградба на делницата Сурдулци – Радичево, во должина од 10 километри на магистралниот пат А4 (М-6) помеѓу Радовиш и Струмица. Во тендерската документација е наведено дека компанијата што ќе ги изведува градежните работи ќе треба да ја доврши делницата до 10 јануари 2013 година. Иако градежните активности требаше да финишираат пред 10 месеци, сообраќајот помеѓу Радовиш и Струмица во овој дел сеуште се одвива по стариот пат кој е во многу лоша состојба. Поради застој на активностите на терен, од агенцијата го раскинаа потпишаниот договор со фирмата од Хрватска и ја активираа банкарската гаранција.

 

 

 

 

Минималните критериуми што треба да ги задоволат компаниите што ќе се јават на распишаниот оглас е да имаат годишен приход од барем 2,5 милиони евра за последните 3 години за тековни или реализирани договори, понудувачот да прикаже финансиски можности за да го задоволи минимално потребниот проток на готовински средства од 300.000 евра, но и да достават листа на работи завршени во последните 5 години и да приложат доказ за реализирани барем три договори за изведба или реконструкција на автопати, магистрални или регионални патишта во последните 5 години, секој во вредност од минимум 2,5 милиони евра. Крајниот рок за доставување на понудите е 10 јули, кога ќе се знае и која компанија ќе го доврши овој инфраструктурен проект.

 

Последниот рок што го даде Агенцијата за државни патишта за завршување на делницата Сурдулци – Радичево беше март 2012 година, но и тој не се испочитува. На сегменти од овој пат веќе е поставен прв слој на асфалт, додека на останатиот дел е поставен тампон и треба да се довршат започнатите земјени работи. Изградбата на оваа делница започна во 2009 година, при што на истиот е предвидено да има две клучки кај Калуѓерица и Радичево, 6 мостови, 2 потпатници и еден натпатник.