Ирена Трајкова и Даниела Клинчарова се добитнички на првата награда од 45.000 денари за најдобро идејно решение на организираниот архитектонски Конкурс за пренамена и надополнување на градскиот плоштад во Кавадарци. Општина Кавадарци го распиша овој повик до архитектите на почетокот од февруари годинава, со цел да се изврши избор на идејно партерно и архитектонско решение за пренамена на амфитеатарот и големата фонтана од градскиот плоштад, подобрување на осветлувањето и дополнување на плоштадот со зеленило и урбана опрема. На конкурсот биле доставени пет архитектонски трудови.
Со претстојниот градежен зафат ќе се изврши засадување на нови зелени површини на плоштадот, ќе се постави додатна урбана опрема, ќе се постават велосипедски паркинзи и други пропратни содржини. Пренамената на дел од градскиот плоштад во Кавадарци ќе се изврши со материјали сродни на сегашните елементи вградени на оваа јавна површина, за да се зачува неговиот постоен амбиент.