Претходна статија
Центарци ќе добијат 1.000 нови паркинг места
Следна статија
Започнува проектот „Купи куќа за млади“

Италијански „Кондоте“ пројавува интерес за „Чебрен“ и „Галиште“

Објавено на 13.01.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Владата повторно ги вклучува во погон ветувањата за изградба на хидроелектраните „Чебрен“ и „Галиште“ со нов заинтересиран инвеститор. Генералниот директор на италијанската компанија „Кондоте“, Дуро Асталди денеска на прес – конференција изјави дека е заинтересиран да влезе како инвеститор во двата енергетски проекти. „Сакам да потврдам дека нашата компанија е многу заинтересирана да инвестира повеќе капитал во вашата земја“, речи Асталди. Оваа италијанска фирма веќе инвестираше 19 милиони евра во нашата земја во изградба на четири мали хидроелектрани. Ваквата најава доаѓа по една и пол година од последниот тендер за реализација на енергетските проекти, на кој своја понуда достави единствено грчката државна компанија „Паблик Пауер Корпорејшн“.

 

 

 

Изградбата на хидроелектраните „Чебрен“ и „Галиште“ е еден од капиталните владини проекти што не беа реализирани во изминатава деценија. За пронаоѓање приватен инвеститор, досега беа публикувани 11 јавни повици, но ниту еднаш не се пронајде најповолен понудувач што ќе ги оствари своите инвестиции. Во рамките на последниот повик, македонската влада проба да ги раздели хидроелектраните „Чебрен“ и „Галиште“ како посебни проекти, нудејќи им ја на компаниите само ХЕ „Чебрен“. На инвеститорите им се понуди да управуваат со идната хидроелектрана во период од 52 години, при што како дополнителна поволност би ја добиле на управување и постоечката хидроелектрана „Тиквеш“. И покрај сите овие поволности, владиниот повик не резултираше со успех.

 

 

 

Со последните корекции од пред неколку години, проектираната моќност на ХЕ „Чебрен“ е проценетo да изнесува помеѓу 315 и 333 мегавати, а оставена е и можноста за изградба на пониска брана. Вкупниот инсталиран капацитет на ХЕ „Галиште“ би се движел помеѓу 185 и 197 мегавати. Во согласност со поодамнешната физибилити студија за системот Црна Река, реализацијата на овие енергетски објекти би чинела околу 540 милиони евра. Во изминативе години од медиумите и од експертите се лиферуваа различни суми за вкупната инвестициска вредност на ХЕ „Чебрен“ и ХЕ „Галиште“, која се движи од 450 милиони па сè до 700 милиони евра.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk