Административните пречки и честото менување на законите се главната причина за доцнењето на изградбата на малите хидроелектрани во земјава. Инвеститорите на денешната средба со министрите за економија и животна средина Ваљон Сарачини и Абдулаќим Адеми им ги соопштија главните проблеми на кои наидуваат при остварување на нивните инвестиции. Дека постојат пречки во реализацијата на овој вид енергетски објекти говори и последниот извештај на Државниот завод за ревизија во однос на спроведените активности и услуги од доделените концесии за малите хидроелектрани. Според податоците од ревизорскиот извештај, инвеститорите се соочиле со проблеми при решавањето на имотноправните односи, што резултирало со доцнење на роковите за изведба на објектите. Дел од малите хидроелектрани биле вклучени во погон без претходен технички преглед на опремата, а ревизорите откриле и пропусти на работењето кај државните органи.
Наспроти ваквите потешкотии, министерот за економија Ваљон Сарачини денеска ја претстави моменталната состојба кај изградбата на мали хидроелектрани. „Во фаза на градба се 14 мали хидроелектрани, со вкупен инсталиран капацитет од 16 мегавати и предвидена инвестиција од 25 до 30 милиони евра, од кои еден дел ќе се завршат до крајот на 2013 година, а другите до првата половина на 2014 година. Останатите 36 локации за изградба на мали хидроелектрани се во финална фаза на обезбедувањето на потребните документи за започнување со градба“, истакна министерот Сарачини. Според официјалните податоци на министерството, во Македонија досега се изградени 16 мали хидроелектрани со инсталирана моќност од 11 мегавати и вкупна инвестиција од 20 милиони евра.