Претходна статија
Бројот на комерцијални паркиралишта и гаражи значително се зголемил во изминатата година
Следна статија
Во центарот на Куманово ќе се обноват фасадите на пет станбени згради

ИНТЕРВЈУ: Проектот „Селски двор“ упатува на заборавената вештина на прилагодување на архитектурата и природата

Објавено на 28.05.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Митко Хаџи Пуља и Минас БакалчевСо архитектите и универзитетски професори на Архитектонскиот факултет во Скопје, Минас Бакалчев и Митко Хаџи Пуља, разговаравме по повод добивањето на Големата награда за реализиран архитектонски проект на овогодинешното издание на  БИМАС. Соговорниците за интернет – порталот „Билд“ го образложуваат победничкиот проект „Селски двор“ кој е реализиран во село Велмеј, општина Дебарца, но се задржуваат и на неколку актуелни прашања што ја тангираат македонската архитектонска сцена, како и воопшто на поткопаните вредности во времето во кое живееме.

 

 

Во професионалното портфолио ја вброивте и престижната награда за архитектура на 16-тиот по ред БИМАС. Како го доживувате признавањето на вашата вредна творечка активност од стручната фела?

 

М. Бакалчев: Драго ми е за наградата и драго ми е што овој објект е издвоен од архитектонската продукција во овие две години во Македонија. Тоа на некој начин не изненади затоа што на прв поглед се работи за атипичен објект и по форма, и по содржина и по локалитет. Во таа смисла наградата е и придонес за проширувањето на согледувањето на архитектурата во секојдневниот живот.

Наградите се секогаш двозначни, наградите се потврда за одредена работа, одредено дело, имаат значење за самото дело, за авторот, но и за заедницата. Наградите, издвојуваат, индивидуализираат, но едновремено кажуваат за еден колективен поглед, или сакаат да воспостават една колективна вредност. Наградите профилираат одреден однос, вредносен систем кон одредена материја. Во таа смисла наградувањето е пред се` креативен чин, сведок за одредено време, за луѓето и нивното дело. Отсекогаш сме мислеле дека за архитектурата нема доволно награди, не во однос за посебните вредности кои треба да се акцентираат, туку за политиката на вреднување, стимулирање на една дисциплина која треба да се воспостави и во однос на себе и во однос на јавноста. Да се „демократизира“ наградувањето/вреднувањето, на повеќе сегменти/жанрови, возрасни категории, видови архитектура. Наместо линиска хиерархија, репродукција на претпоставени вредности, мрежа на вреднување кои го оцртуваат телото на архитектонското дејствување. На пример зошто еден портал build.com.mk нема одредена награда?

М. Хаџи Пуља: За нас ова беше навистина пријатно изненадување, ние сме учествувале и друг пат со слични концепти, конкретно на минатото Биенале со друг проект, меѓутоа во тој момент тие квалитети не биле препознаени. Работата на жирото е создавање точка на гледање и корисно е да има што повеќе такви точки за нештата да ни станат на сите појасни. Наградите во себе го имаат дидактичкиот, поучувачкиот аспект во однос на публиката и на авторите на кои што им е обрнато внимание. Жирото наградува концепт кој што претставува одредена стварност, кој што валоризира одредени вредности.

 

„Селски двор“ - с.Велмеј„Селски двор“ - с.Велмеј„Селски двор“ - с.Велмеј

 

 

 

Би можеле ли да ни ја раскажете приказната за проектот „Селски двор“ од неговата замисла до реализацијата во с. Велмеј, општина Дебарца?

 

М. Хаџи Пуља: Архитектурата претставува материјализација на одредена поетска слика и како таква секогаш почнува со еден сон. Поточно, со обединување на два сона во еден, оној на нарачателот и оној на архитектите. Во конкретниот случај тоа е семејството Илоски, за кое специфичен е активниот и отворен однос кон соседите, кон селото и воопшто кон тамошниот живот. На нивна покана, всушност прв пат дојдовме во овој прекрасен простор, во Дебарца која за нас беше големо откритие. Се работи за една тивка линеарна долина, еден живот во нејзините пазуви паралелен со оној покрај Охридското езеро, кое е веднаш тука од другата страна на планината. Целокупната енергија од оваа питома долина се влева во селото Велмеј, генерирајќи го на специфичен начин. Проектот реагира на тие енергии, на силите на местото, природни и артифициелни, или уште повеќе на нивната синергија. Реагира на одредена морфологија која самата потекнува од постоечката топографија, но реагира и на социјалната топографија, на секојдневниот живот, како луѓето меѓусебно се однесуваат, комуницираат. Проектот имаше за цел да ја зајакне рабната линија со која се дефинира фигурата на селото создавајќи место кое ќе има двоен квалитет, двоен код. Тоа од една страна треба да биде отворено кон пејзажот, да го кадрира, апсорбира, интензифицира, а од друга страна треба типолошки да биде стабилно, во формална смисла супстанцијално, да биде средиште.  Исто така, многу важен елемент во дефинирањето на духот на местото е и црквата Св. Богородица Пречиста Ќелија, од XV век, која со своето присуство, духовна честичка го посуштествува целокупниот пејзаж, му дава трајност.

Со вклучувањето на ваквата типологија, се промени свеста за, и идентитетот на околните парцели кои служат за стопански потреби. Бидејќи е дефинирано како позитивно празно место, средиште, тоа преоѓа од селски двор во атриум, околните објекти стануваат „соби од една поголема палата“. Наеднаш сите стануваат свесни дека се делови од некое друго ткиво, од поголема структура. Битно беше поместувањето на свеста на околното население, околните парцели и објекти да ги гледаат на друг начин, друг дискурс.

М. Бакалчев: Задачата беше како да се уреди еден двор на границата на селото со полето, и длабокиот хоризонт кон планините, а во непосредна близина на малата црква Св. Богородица Пречиста Ќелија. Мала задача но извонредно богата со специфични значења, со контекст, природен и човечки создаден. Она што сакавме да го направиме е да ја покажеме вредноста на местото, да повторно го откриеме скриеното, заборавено чувство на местото, во светлината, материјалот, времетраењето. Во таа смисла не иновиравме туку откривавме. Еден круг, водена бразда во средиштето на дворот, како еден повторно воспоставен аксис мунди, врамен во колонада, кон границата со пејсажот и колонада со трем кон селото, во кој се изѕидани двете утилитарни јадра. И улица која минува на едната страна на дворот, а ја продолжува селската улица која преку дворот се влева во полето на другата страна, покриена со ниска пергола за лозница. Во него откривме една класична приказна, еден архетип на празен простор, перистил, двор врамен со вечната архитектонска тема, колонада. Така од селски двор стана перистил, а од село, можно место на една скриена класична палата. Еден вид фиктивна инверзна археологија. Приказна за малите, обични, секојдневни нешта, кои стануваат самосвесни огледувајќи се во длабочината на возвишеното.

М. Хаџи Пуља: Тоа е концептуалниот план, кој преоѓа во типолошки. Во однос на материјалниот план, облиците кои ги користевме, димензиите на волумените, нивниот физички карактер – каменот како конкретна материјалност, се директен оддек на околните ѕидови кои се слични на создадениот. Во одреден дел користени се камења од околната средина, некои што ги најдовме, а некои се направени нови. Ние ќе бевме посреќни сите да беа веќе употребени. И во материјална, и во концептуална смисла е користено паметењето на местото.

 

„Селски двор“ - с.Велмеј„Селски двор“ - с.Велмеј„Селски двор“ - с.Велмеј

 

 

 

Која е идејата на проектот „Селски двор“, од каде ја црпевте бравурозноста со која го привлековте вниманието на вашите колеги на овогодинешното Биенале на македонската архитектура и кои сегменти од делото сметате дека ќе остават трајни вредности во историјата на македонската архитектура?

 

М. Бакалчев: Темата на овогодишното биенале на македонската архитектура е архитектура на секојдневното живеење, затоа ми е драго што е апострофиран токму овој проект, кој својата генеза ја црпи од секојдневното, но секојдневното ставено во еден безвременски план.

Ние свесно користевме одредени фигуративни елементи и теми кои припаѓаат на класичниот јазик, како во однос на организацијата на просторот – се повикува одреден атриум или перистил како типолошка предлошка, така и во однос на елементите – столбови кои формираат колонада. Тие не се елементи користени сами за себе, да се претстават како такви, туку да упатат на една универзалност на архитектонскиот јазик во допирот со местото, една архаичност и безвременост – да упатат на аисториската вертикала што архитектурата ја има. Таа треба да служи на секојдневните потреби, меѓутоа добива одредена вредност само ако се огледа на безвременото.

Од друга страна ми се допаѓа материјалноста која повторно со себе носи одредена противречност во однос на местото и значењето на темата. Употребени се „реди мејд“ метод и технологија на префабрицирани армирано бетонски елементи, столбови, кои по својата природа, идеологија, историска пракса се спротивни на интервенциите во малото мерило. Тоа се типично модернистички системи на градба. Но токму тие готови елементи се претворија во столбовите на колонадата, а нивната натурална материјалност во продолжение на материјалниот пејзаж на местото. Наспроти готовите елементи, камените ѕидови и подови се од локалниот травертин на Велмеј, местен од тајфата од Пустец, кои добиваат карактер на една лична ракотворба.

Кога се правеше овој проект, ние имавме сосема независно една тема на Архитектонскиот факултет – сценарио на обнова на македонското село. Овој проект дојде како непричинскопоследична поврзаност, синхроницитет, на откривањето на македонското село низ дипломските проекти на нашите колеги. Оттука се надевам дека овој зафат ќе упати на руралната страна на Македонија, на заборавената, секојдневна и безвремена вештина на прилагодување и опстојување на архитектурата и природата.

 

 

Каде го гледате спојот на архитектонската реализација на еден проект со толкувањата на финалното решение од страна на обичниот граѓанин во Македонија, треба ли „грото“ од јавноста да го разбере делото пред себе или пак единствено да го прифати како нужност во просторот во кој живее?

 

М. Хаџи Пуља: Архитектонското дело, од една страна, секогаш е производ на колективната свест. Постојат одредени потреби што се заеднички и тие бараат специфична артикулација. Архитектурата, всушност, најдобро можеме да ја дефинираме како меѓусебен однос, релација. Ајнштајн тој концепт го именува како релационистички модел на просторот. Поаѓајќи од релациите меѓу луѓето, ние создаваме одредени релации на архитектонски елементи, на конкретни физички појави, а она што навистина го перцепираме е односот меѓу појавите. Од друга страна, архитектурата, истовремено е резултат на личната експресија, затоа што не може статистички да се одреди која е таа колективна свест. Проектот го прави поединецот, кој преку своето срце треба да ги препознае, да ги почувствува таквите потреби на луѓето, да ја препознае смислата на местото и да ги обедини во нешто единствено, кое што после тоа луѓето секогаш ќе го интерпретираат на свој начин. Сепак, не постои единствен момент на апсолутизирање, дека делото мора да се чита само на одреден начин. Добро е тоа да има една доза на архетипскост, формализирана колективна потсвест, која ќе му даде низвременскост, појмовност и ќе го овозможи симболичкото на крајот.

М. Бакалчев: Архитектурата не делува само на интелектот, таа делува и на емоциите, на сите сетила. Во текот на Биеналето на македонската архитектура беше промовирана книгата „Мислејќи архитектура“ од Петар Цумтор, тој говори за една архитектура на која се навраќа во неговите сеќавања од детството, кога уште не бил свесен за самата архитектура, и токму тоа е суштественоста на архитектурата, да се доживува без да се размислува за неа. И како што вели, понекогаш во раката може да ја почувствува кваката, метално парче со форма на превртена лажица, која ја фаќал кога одел во градината на тетка му.

Архитектурата не оди само со упатство, таа делува многу покомплексно. Кога говориме за рецентните гледања уште од 80-тите години, постмодерната теорија вели дека архитектурата е повеќезначна. Во таа смисла, тешко дека денеска можеме да ја сфатиме архитектурата еднозначно, на начин како го претпоставуваше херојскиот модернизам од дваесетиот век. Она што останува мислам дека е времето, времето ги дава и ги открива, трајните димензии на архитектурата, секако таа треба да е отворена и да е предмет на дискусија, но не можеме да кажеме дека до крај може да се исцрпи значењето на секое дело.

 

 

Забележително е дека вашите колеги од странските земји помалку се наоѓаат како потписници на трудови што се градат во Македонија денес, но и соработката на македонски со странски архитекти при изработката на еден проект можеби оди во надолна линија? Фаќаме ли чекор со мондијализацијата или заглибуваме во размислата дека сме си доволни самите себеси?

 

М. Бакалчев: Тоа е доказ за глобализацијата. Таа дејствува така што од една страна нештата се вмрежуваат, а од друга страна се потиснуваат, се забораваат. Ние во голема мерка ја делиме судбината на заборавената страна на светот.

Глобализмот делува во екстреми, имаме големо влијание на тие заводливи глобални слики, кои симултано предизвикуваат наша пречувствителност и протективност, го подигнуваат вештачкиот регионализам преку кој сакаме да се препознаеме и претставиме. Мислам дека е поважно да се има конзистентна внатрешност, самосвесност и тоа да биде референтна подлога за меѓународната комуникација, само изградените личности и култури можат да комуницираат на рамноправна основа. Ова прашање упатува и на формирање на домашната сцена што недостасува, и тоа не само ревијални, туку и проактивни и реактивни, на важните домашни и светски процеси, живи претставувања за да ги знаеме вредностите од дома и да можеме да комуницираме со другите од надвор.

Ние секако имаме контакти, доаѓаат до нас, ама треба да се препознаат. Уште во 90-тите години Жак Ликан укажа на една стратегија на празнините, преку кои може Скопје да се развива како град, меѓутоа тоа остана на страна. Питер Кук, легендарен архиграм од 60-тите години, учествуваше на конкурсот за Пешачкиот мост на реката Вардар, со уникатен и иновативен проект, не во технолошка смисла, туку во перформативна. Мост со кинетичен киоск – чајџилница, каква атракција и поддршка ќе беше тоа! Но остана незабележан. Еден импровизиран павилјон, инсталација направена од учесниците на летната школа во манастирот Св. Јоаким Осоговски под водство на хрватскиот архитект Хрвоје Нјириќ, беше експресно демонтиран во Крива Паланка. Така одредени идеи, личности, дела кои секако ќе ја збогатеа нашата архитектонска сцена се отфрлаат, се бришат.

Дури во времето кога Скопје беше предмет на делување на елитата на интернационалната сцена, во периодот на послеземјотресната реконструкција, многу малку автентични авторски проекти се реализирани. Тоа загушување е тажно за нас пред се` затоа што го кажува односот не кон странците и домашните, туку кон вредностите воопшто.

М. Хаџи Пуља: Ние сме сведоци кога одредени модулатори на архитектонската сцена – инвеститори и преземачи најчесто посакуваат архитектите кои ги градат објектите да се анонимни, затоа што кога настапува полуанонимен архитект, влијанието тој да дерегулирано работи е поголемо и повозможно. Масовната архитектура сака да биде направена, наплатена и економски функционализирана, а авторството, одговорноста и свеста се избегнуваат. Постои и уште еден тип на девијација. Одредени инвеститори сакаат да направат објект и за нив не е доволно локалното ниво, и бараат по секоја цена странски архитекти. Најодговорно можам да кажам дека сум видел неколку објекти што се направени по таа логика од странски архитекти кои се, не лоши, туку катастрофални. Нашиот пристап пак кон странските пазари е тежок, затоа што и таму има голем притисок на архитекти, кои, пак, се организирани во големи фирми со сопствени менаџери, бидејќи се работи за сериозна материјална добивка.

 

 

Замислите на македонските архитекти преточени во јавниот простор. Во колкава мерка се почитуваат уметничките вредности наспроти распространетото барање на инвеститорите за што поекспедитивен и поекономичен проект кој би му донел инстантна заработувачка?

 

М. Хаџи Пуља: За жал, уметничката димензија која подразбира подолго време промисла на производот и просторот, а и негова перцепција после тоа, е контрадикторна со желбата за што побрзо се заврши проектот, да се стави во некаква функција и да се наплати. Ние паѓаме во таква состојба на недовршеност, недоправеност и мислам дека за жал тие почнуваат да доминираат. Тоа создава еден ефект на површинскост. Она што е најлошо, просторната и артистичката површност директно се втиснува во начинот на гледање на светот на тие што живеат во него. Кога ќе ги погледнеме старите ткива, се уништуваат истите за да се направи некоја нова куќа од наследниците на тие семејства, која ги нема духовните димензии што ги имала претходната. Тоа е културолошки феномен, не е само уништување на уметничкото од пазарот, туку и  немањето на лична свест за себеси и за одговорноста на своето постоење.

М. Бакалчев: Живееме во такво време, во пазарно општество – максимална површина со минимално вложено за максимална добивка. На сметка на што е тоа, ако секоја позиција е максималистичка? На сметка на она што е заедничко, на јавниот простор, се поткрадува и помалку узурпира на легален или полулегален начин, но се` помалку го имаме него – јавниот простор во онаа мерка во која што треба да постои. Забележете ги летните тераси во јавниот простор, тоа не се тераси тоа се барикади, присвојувања на јавниот простор, од каде просторно, визуелно, звучно се тероризираат беспомошните граѓани. Дури накарадно звучи естетизацијата на тие узурпации на јавниот простор во вид на отворени/полузатворени тенти.

Меѓутоа, ако сме во едно организирано општество треба да знаеме дека неодговорното поединечно трошење на просторните ресурси во градот води кон намалување на вредноста на градот како целина.

 

 

Колку македонските архитекти при разработката на идејното решение размислуваат на постојниот урбан простор кој се протега во непосредната околина на идното дело што го креираат?

 

М. Бакалчев: Архитектурата секогаш треба да го уважува постојното, треба да се надоградиме на постојното и да создадеме нов квалитет. Во Скопје не е секогаш тоа така, односно како сеуште да живееме во време на модернизам кој работеше во големо мерило, освојуваше големи простори и сакаше тие да ги трансформира. Кога сето тоа е ставено во мали локации и парцели кои што го вадат својот максимум, а со таков еден менталитет, тоа станува невозможно. Збирот на повеќе згради сеуште не произведуваат целина, ја немаме коегзистенцијата – збирот на деловите да создаваат квалитет на целина. Тоа е вековниот модел на „Tabula Rasa“ во Скопје, што е сосема спротивно на урбаното.

М. Хаџи Пуља: Најпрвин ќе се вратам на дерегулацијата. Она што ние го гледаме како архитектура и простор е резултат на појави во нашето општество како целина. Ние архитектите не можеме да се одвоиме од деформациите што настануваат во користењето на просторот, туку го отсликуваме „телото“ на општеството. Мислам дека треба да се гради колективната свест и одговорност на повеќе нивоа. Низ историјата постојат моменти на доверба кога архитектурата дури може да биде механизам со кој ќе се надмине потребата од некаква револуција. Со правилното решавање на просторните потреби на поединецот, и поединецот како дел од група, и групата како дел од поголема група, може да се надминат општествените тензии што настануваат. Една романтична визија дека просторот е тој кој што е носител на општественото.

М. Бакалчев: Во ред е стилската различност, меѓутоа сепак за да живееме заедно во еден град треба да имаме заедничка основа и тоа во буквална смисла. На ниво на партерот, треба да ни е заедничко слободното живеење. Независно од типот на зградата, стилот, претензиите, партерот треба да биде обединет во едно ниво, прооден, безбеден. Да можеме да поминеме од едната на другата страна на „Ленинова“ без да излеземе на улица и без да се вратиме во една предурбана ситуација. Да можеме да се чувствуваме како граѓани кога шетаме на Кејот, или кога се движиме по линијата на уличните ѕидови на пешачки улици без да не попречуваат различните екстензии. Ние може да имаме различни идеи, но во одреден момент треба за нешто сите да се договориме и многу строго и дисциплинирано да го применуваме.

М. Хаџи Пуља: Лично се сеќавам на прошетката со моите родители покрај прекрасната шума што се протегаше на Кејот на Вардар. Ние бевме скромно семејство, кое понекогаш ќе седнеше во тие една – две кафеани, меѓутоа ако немавме пари ние можевме да поуживаме или да поминеме во јавниот простор. Сите социјални групи го имаа јавниот простор како свој. Која е таа општествена група што треба да седи во фотелји во јавниот простор? Тој е антисоцијален, бидејќи припаѓа само на едни – оние што имаат слободно време и заземаат преголем простор. Порано можеше да постојат и двајца заљубени кои само сакаат да подзастанат и да ја гледаат реката.

 

 

Се чини дека премалку се издвојува за авторските права над архитектонското решение за секој нов проект што се подигнува во Македонија, доколку го земеме во предвид вкупниот буџет на инвеститорот. Колку се цени трудот и работата на архитектот во делото што го создава од страна на вложувачите во градбите?

 

М. Бакалчев: Сеуште го немаме преминато нивото во кое нештото што е нематеријално – идејата има статус на вредност. Мислам дека во целата современа историја на Македонија, проектот како идеја сеуште не е еманципиран, и токму тоа е парадоксот на една стопанска гранка. Проектот е механизмот што го иницира градежништвото не само да работи, туку и да има иновации и да се реинвентира. Изворот е во архитектонскиот проект.

М. Хаџи Пуља: Проектот цивилизациска алатка, нешто што значи извесност, поточно, социјална алатка за договарање и спроведување на права и одговорности. Преку него, авторот формализира одредена визија, инвеститорот ја стекнува таа визија, а неа треба да ја изведат одредена група на луѓе. За да може сите да комуницираме и да бидеме задоволни, проектот е нужен. Ако не сакаме тоа да го направиме, ако некој од алката сака да направи нешто друго, алатка на манипулација, тогаш проектот станува пречка. Избегнувајќи го проектот, се избегнува авторството и вредноста на уметничкиот дел.

 

 

Како би изгледало Скопје по една деценија, по неодминливите актуелни траги од „Скопје 2014“ и на некогашните од „Скопје 1963“?

 

М. Хаџи Пуља: И јас би сакал да знам како би изгледало. Судбината на архитектонското дело откога ќе се направи како поединечно и на градот како таков, е тоа да стекне самосвоен живот. Суштината на живеењето на градот, архитектурата и просторот е во неговата континуирана промена. Нормална ситуација е во одредени моменти да доминираат одредени јазици или тенденции. Дали е тоа брутализмот од 60-тите години, кои се неколку светски дела што се направени тука, а веќе се заборавени, или пак локалниот класицизам од 30-тите години. Во различни периоди се појавуваат различни бранови кои што доминираат. Кога ќе се заврши „Скопје 2014“, тој ќе претставува некаква своја смисла, меѓутоа паралелно со него сигурно ќе се појавуваат и други мисли кои ќе го стават во друг дискурс.

М. Бакалчев: Јас би се повикал на Борис Чипан, на неговиот омилен слајд од Охрид. Во едната половина е црквата „Св. Софија“, а во другата е една од оние познати, антологиски традиционални куќи од Охрид. „Св. Софија“ е масивна, монументална и нејзиното потекло оди длабоко во историјата, наспроти другата која е градска архитектура од 19 век и е кршлива, во гестови, лесна и бела. Тие се навистина неспоиви, а сепак во сликите ги гледаме како едно. Прашањето што го поставуваше Борис Чипан е што ги спојува овие две работи? Тоа е времето кое ги прочистува работите.

М. Хаџи Пуља: Архитектурата би ја гледал на добра и недобра. Независно дали припаѓа на одреден стилски јазик или не. Може да биде класицизам кој е добар или не е добар, може да биде модернизам кој што е површен и исто така да не е добар, ама може да биде и супстанцијален. Мешањето на еден со друг јазик не е толку страшно, но страшно е кога нештото и во рамките на тој јазик не е добро по себе – недобра архитектура.

М. Бакалчев: Упатувам повик да се прават вредности, тоа е одговорноста за архитектите. Вредностите опстојуваат.

 

 

 

БИОГРАФИЈА:

 

Минас Бакалчев и Митко Хаџи Пуља се архитекти и професори на Архитектонскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Магистерските студии ги завршиле на Универзитетот во Белград, а со докторската титула се стекнале на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Биле учесници и ко – куратори на Македонскиот национален павилјон на Венециското Биенале, за кој добиле посебно признание со проектот „Град на можни светови“ за 2008 година. Под акронимот МБМХП работат заедно на архитектонски проекти, работилници и изложби. Веруваат дека архитектурата може да го промени светот во мерка во која тој не менува нас.