Претходна статија
Старото кино во Кисела Вода ќе прерасне во мултимедијален центар
Следна статија
Во Штип ќе се гради регионален спортско - рекреативен центар

ИНТЕРВЈУ: Етапа Проект – 20 години архитектонско изразување кое остава печат и порака за своето време

Објавено на 14.02.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Славите 20 години од постоењето на Етапа Проект. Низ какви креативни фази минувавте низ годините?

 

Токму така, ќе славиме 20-ти роденден, што значи се уште сме млада фирма, студио за архитектура или поточно проектантско биро, т.е. само две поминати години после полнолетството. Како и во сѐ останато, постојат фази на еволутивен развој, а заедно со него како пратечки се и креативните фази кои се постојано подложни на промени, еден вид на лична дијалектика.

 

Мора да признаеме дека живееме во време на големи општествени турбуленции “and because of that I would say: we are still alive…”

 

Валентино Константиновски, архитект, основач и сопственик на проектантското студио Етапа Проект

 

 

Можете ли да издвоите некои од проектите што Ви се особено драги?

 

Природно – научен музеј на Матка Секако, тоа се следните проекти: индивидуален станбен објект Тријада, куќа Коцки, куќа Елена, куќа во брезова шума во Полска, Природо-научен Музеј на Матка (награда за најдобар архитектонски проект, БИМАС 2010), универзитетот за Информатички Технологии (трета награда на меѓународен архитектонски конкурс за Универзитет за Информатички Технологии), викенд куќа во село Радожда, струшко, поради својата едноставност на концептот, Катна гаража со деловни простории на ул. Даме Груев, Скопје (трета награда на конкурс за Катна гаража), Плоштад во Кавадарци (трета награда за архитектонско-урбанистичко решение), Македонскиот павиљон во Шангај (втора награда на конкурс на ЕКСПО 2010 во Шангај).

 

Тука се и едни од поновите проекти: Центар за промоција на Наука во Белград, Република Србија; Центар за превенција од природни катастрофи во Истанбул, Република Турција; Станбено-деловен комплекс во населба Кисела Вода во Скопје и други.

 

Последен проект кој го сработивме беше анонимен конкурс за архитектонски проект на основно училиште распишан од Општина Центар, Скопје. Иако нашето решение не помина најсреќно, тимот беше задоволен од понудениот проект и даде сѐ од себе во текот на работата, а тоа го сметам за најважно, бидејќи оценувањето на авторските трудови е на крајот на краиштата субјективен фактор.

 

Природо – научен музеј на Матка

 

 

Од каде црпите инспирација?

 

Речиси од сѐ, од природата, од некои филмови, книги, стручна литература и секако од личната перцепција (личното поимање на работите од целокупното наше опкружување). Иако тука нема некое правило, инспирацијата може да биде поттикната и од нашата посебна душевна состојба, од љубов, како инспирација од делата на доајените во архитектурата, од трудовите и свежината од идеите на студентите и од многу други слични поттикнувачи…

 

Најприближно до вистината би било толкувањето дека инспирацијата е комплексна појава и е најчесто комбинација од повеќе состојби кои ги спомнав, како дел од нејзината комплексност.

 

Центар за превенција од природни катастрофи, Истанбул 

 

 

По што се карактеристични Вашите дела?

 

Би рекол дека се карактеристични по мојот сопствен стил на изразување. Долги години работам на тоа да успеам некако да се препознава мојот стилски израз или на кратко, тоа би била тенденција кон прочистување т.е. поедноставување на формата и леснотија во архитектонското изразување.

 

Кај повеќето проекти од мојата понова креативна фаза провејува еден минималистички пристап, пред сé поради нивната едноставност, ориентираност и читлива линеарност во просторот, како и изборот на примарните материјали за градба со нивно вклопување во околниот простор. Не употребувам второстепена пластика, орнаменти и останати слични украсни елементи, посебно ако немаат некаква логична оправданост. Но, сепак, функционалноста е примарна во однос на сето останато.

 

Куќа „Коцки“

 

 

Имате работено на проекти надвор од Македонија?

 

Да, работевме како тим со мои колеги од студиото и надворешни соработници на повеќе проекти во странство.

 

Тука се повторно центарот за Промоција на Наука во Белград, Република Србија и центарот за Превенција од природни катастрофи во Истанбул, Турција. Потоа следат: Национален Музеј во Осло, Норвешка; Деловен објект во Вишеград, Република Српска; Архитектонско-урбанистичко решение за блок Бадел во Загреб, Хрватска; куќа во брезова шума во Полска и урбанистичкиот проект Build a Better Burb, Long Island, USA.

 

Универзитет за информатички технологии 

 

 

Според вас, каде во светот има најубава архитектура?

 

Многу е тешко да се одговори на ова прашање, но сепак ќе се обидам. Убавината е релативна, субјективна и пред сé минлива категорија, но исто така никој не е имун на убавото, а понекогаш и лаици од некоја област знаат да го препознат убавото. Веројатно убавината е феномен кој е двигател на работите во секој поглед и бескрајна инспирација за креативците.

 

Од светските метрополи со посебна архитектура би ги издвоил: Токио, Лондон, Рим, Париз, Њујорк, Прага, Берлин, Барселона, Виена, Копенхаген, Стокхолм, Ротердам, Шангај, Пекинг, Хонг Конг, Сингапур, Сиднеј, Ванкувер, за Дубаи не сакам да дадам коментар.

 

Повеќето од наведените се стари градови со голема културно-историска вредност, посебно во полето на архитектурата. Кај нив на поедини места како што се плоштади, скверови, поголеми пешачки зони, постои една хармонија помеѓу објектите градени во различни временски периоди. Во таков еден амбиент можете да почувстувате како сите тие зрачат со една своја посебност, но уште повеќе фасцинира помислата како објектите од разлини периоди не само што не си пречат, туку се надополнуваат на некој начин и го збогатуваат целокупниот визуелен впечаток. На тој начин оставаат печат и порака за своето време.

 

Затоа моја (добронамерна) препорака би била: да не се градат сите слободни површини во еден град (што e веќе случај кај нас), посебно не во централните градски подрачја и центарот. Треба да се остави слободен простор да градат и следните генерации кои што доаѓаат, сѐ со цел да го овозможиме тоа напластување на објектите од различно време и да ја зголемиме вредноста и шармот на градовите.

 

Секако убава и вредна архитектура има и во помалите градови и населени места. Тука посебно би ја издвоил капелата во Роншам, дело на Ле Корбизје и проекти од Алвар Алто во повеќе мали градови во Финска, кои за среќа ги имам видено во живо уште како апсолвент и други слични примери во светот.

 

Би можел да кажам дека своевидна слабост ми се архитектонски интервенции во некои природни амбиенти, каде објектот треба да се вклопи со опкружувањето, да не се наметнува и максимално да ја почитува природата, што всушност бара голема умешност и знаење од страна на архитектите, посебно во првичната фаза при самото формирање на концептот.

 

Основно училиште во општина Центар (Капиштец) 

 

 

Какви се Вашите планови, каде се гледате во иднина?

 

Ориентација кон надворешниот пазар под број 1, ориентација кон надворешниот пазар под број 2, ориентација кон надворешниот пазар под број 3 и така сé до некоја конечна реализација. Можеби не звучи оптимистички, но треба да се биде реален и да се согледа кризата во сите сегменти од општеството, посебно кризата во духовниот развој кај луѓето, а сето тоа се рефлектира и на актуелната архитектура во нашата земја.

 

Искрено се надевам дека барем дел од плановите ќе се остварат и ќе дадам сѐ од себе да се движат работите според мојот план…

 

 

 

 

 

Интервјуто е направено за „Бизнис Инфо“ по повод 20-годишнината од основањето на Етапа Проект