Претходна статија
Доцни изградбата на градскиот пазар во Гевгелија
Следна статија
Пуштена во употреба реконструираната улица „Орце Николов“

И седиштето на СДСМ во Центар ќе мора да премине во „барок“

Објавено на 16.08.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Откако се изградија новата „барокна“ зграда на партијата ВМРО-ДПМНЕ и плоштадот „ВМРО“, походот за целосна промена на изгледот на центарот на Скопје продолжува со менување на надворешниот изглед на други зданија што гравитираат во просторот околу овие објекти. Градот Скопје распиша оглас за изработка на основен проект за реконструкција на фасада на постоечката зграда на улицата „Даме Груев“, број 18 (објект бр. 4.2.2. во ДУП Мал Ринг), која се наоѓа веднаш до седиштето на владејачката партија. Интересно е да се спомене дека токму во овој објект се наоѓа седиштето на општинската организација на СДСМ – Центар.

 

 

 

Изработката на основниот проект за оваа зграда е проценето дека ќе чини 500 илјади денари, при што неопходната документација ќе се изготви врз основа на веќе изработеното идејно решение. Како што е досега познато, Градот Скопје планира да ги измени фасадите на сите објекти лоцирани околу плоштадот „ВМРО“, за што во јануари 2014 година беше распишан и архитектонски Конкурс. Извесно е дека сите овие објекти ќе бидат преслечени во стилот на владиниот проект „Скопје 2014“.

 

Покрај во овој сегмент, градската власт неуморно работи на „барокизација“ на централното градско подрачје и во делот на улицата „Македонија“. Од градскиот буџет се издвоија финансиски средства за реконструкција на фасадите на објектите со број 43 и 45 што се наоѓаат на главната пешачка зона. Фирмите „Пелагонија“ од Гостивар и „Бауер БГ“ од Скопје во наредните три месеци ќе работат на овие зафати за сума од 34.614.843 денари, односно за нешто над 560.000 евра.

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски